Резолуцијата за Сребреница подразбира одлука 11 јули секоја година да се одбележува како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ќе гласа на 23 мај за резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, јавува Анадолу.
За резолуцијата требаше да се разговара на 2 мај, но датумот е поместен поради процедурални причини.
Резолуцијата за Сребреница подразбира одлука 11 јули секоја година да се одбележува како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.
Со резолуцијата, исто така, безрезервно се осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница и се поттикнуваат државите членки да ги сочуваат утврдените факти преку своите образовни системи со развивање на соодветните програми, исто така, во знак на сеќавање, со цел спречување на ревизионизмот и појавата на геноцид во иднина.
Предлагачи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда.
Во Сребреница, која тогаш беше под заштита на Обединетите нации, единиците на тогашната Војска на Република Српска во 1995 година убија најмалку 8.000 Бошњаци. Тоа злосторство беше дефинирано како геноцид од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, а таму и пред судовите во Босна и Херцеговина осудени се повеќе од 50 лица.
Масакрот во Сребреница е прогласен за геноцид и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП).
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи редовна седница за ситуацијата во Босна и Херцеговина, а на неа планирано е да се обратат високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.