Во затворот, според директорот, досега немаат информации дали Палевски побарал адвокат или има некакви други потреби и барања за посети
Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски мирно ја поминал првата ноќ во затворот „Скопје“, каде што синоќа беше спроведен по екстрадицијата од Турција извршена во текот на вчерашниот ден.
Палевски, како што вели за „360 степени“ директорот на затворот во скопската населба Шуто Оризари, Филип Андов, е примен во затворот и досега се нема пожалено на некакви здравствени проблеми.
„Сепак, домскиот лекар во текот на денот ќе изврши преглед за да се види дали лицето има некакви хронични заболувања за кои е потребно да се внимава на терапијата. Другите процедури се спроведуваат според протокол“,ни изјави директорот на затворот.
Она што сега се очекува, додава тој, е да се види дали Судот и истражните органи ќе преземат некакви активности во доменот на своите надлежности.
Во затворот, според директорот, досега немаат информации дали Палевски побарал адвокат или има некакви други потреби и барања за посети.
„Оставени му се листови хартија и пенкало во случај ако сака да напише некаква молба, дали бара адвокат или се откажува од правен застапник, како што впрочем се прави и со секој друг притвореник“,вели Андов.
Тој потврди дека осомничениот за двете убиства кои ја шокираа јавноста во земјава, но и во регионот, е сместен во посебна ќелија, во посебен блок од затворот каде се сместени и други притворени поврзани со делото.
„Обезбедувањето во ходникот на блокот е засилено. Во него се влегува со картичка, има посебни камери за видеонадзор и се знае точно кои стражари се ангажирани таму, кој влегува и кој и кога излегува и кога точно се отвора и се затвора вратата“,ни изјави Андов.
Во однос на облеката, Палевски нема добиено затворски комбинезон и не му е избричена главата, како што тоа беше случај со дел од останатите осомничени во случајот, што јавноста можеше да го види додека беа спроведувани на распит во Основниот кривичен суд Скопје по нивното апсење на почетокот на декември, минатата година.
Ова, според директорот на затворот, било случај затоа што тогаш осомничените се жалеле на повреди и биле со несоодветна облека и фризури.
Од друга страна, Палевски не се жалел на никакви повреди и бил соодветно облечен.
„Ако побара да биде шишан, тоа и ќе биде сторено“,додава Андов.
Љупчо Палевски-Палчо, по околу пет месеци поминати во притвор во Турција, вчеравечер беше екстрадиран во земјава и веднаш беше спроведен во затворот „Скопје“, бидејќи Основниот кривичен суд веќе му одреди 30-дневен притвор уште додека беше во Турција.
Официјалната информација дека Палевски е екстрадиран од Турција во земјава, Министерството за внатрешни работи ја соопшти синоќа околу 21 часот.
„Ја информираме јавноста дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана потерница за истрага за кривични дела грабнување и убиство по наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје“,се вели во соопштението од МВР.
Палевски, како што пренесе телевизија Телма, од Турција во земјава беше транспортиран со редовен комерцијален лет на турски авиопревозник. По пристигнувањето на скопскиот аеродром, тој со четири возила на единицата за соработка со Интерпол беше транспортиран од ВИП-излезот на аеродромот преку патарината „Петровец“ до затворот во Шуто Оризари.
Благодарност до турските власти, а особено до министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, за брзата реакција и за преземањето на сите мерки за екстрадицијата на Палевски синоќа изрази неговиот македонски колега, Кренар Лога.
„Целата постапка се спроведе во релативно краток период од неполни пет месеци“,се вели во соопштението од Министерството за правда.
Љупчо Палевски-Палчо екстрадиран во земјава, веднаш е пренесен во затворот во Шутка, потврди МВР
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија засега нема информации дали и кога од Палевски ќе биде земен исказ. Оттаму за „360 степени“ велат дека доколку произлезат некакви активности во оваа фаза од постапката, јавноста ќе биде информирана за тоа.
Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Барањето за екстрадиција на Палевски, Министерството за правда го испрати до надлежните власти во Турција на 7 декември, а ресорниот министер тогаш изјави дека очекува брз и позитивен одговор, иако подоцна од Министерството рекоа дека постапката може да трае и неколку месеци.
Љупчо Палевски-Палчо е уапсен во турскиот град Баликесир
Покрај Палевски, за случајот се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот осомничено е уште едно лице, Стефан Димовски, кој се товари за кривичното дело помагање сторител по извршено кривично дело бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему на 12 март му беше укинат притворот бидејќи, како што образложија тогаш од Обвинителството, поради видот на кривичното дело и предвидената казна, не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.
Меѓу осомничените е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.