Меѓуопштинското здружение на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“ новата година ја почнува со мобилизирање на програмски активности, чија крајна цел се новите социјални услуги и социјална заштита на своите членови, лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен.
Мотивите за поголема мобилизација се темелат на успесите постигнати во текот на изминатите 36 години, и особено на минатата година, кои здружението ги реализираше во државата и странство, на завршените проекти за кои како што вели примариус д-р Нико Јанков, претседател на здружението, имаше голема експертска поддршка, институционална соработка и, пред сѐ, медиумска поддршка и афирмација која е посебно важна за работата на здружението.
– Лицата со инвалидност се еднакви граѓани во овој град и држава. Сите сакаат да ги уживаат сите права, да живеат среќни во заедницата, а за да тоа биде така тука сме ние од „Мобилност Битола“, кои ги вложуваме нашите знаења и искуства за да помогнеме. Впрочем тоа го потврдуваат активностите реализирани во текот на целата мината година бидејќи нашата програма е континуирана. Потсетувајќи се на најважните настани што ги одржавме во 2023 година, тогаш не можам, а да не потсетам на пријатни и работни средби што се одржаа во Битола, Прилеп, Ресен, но и во соседен Лерин и Солун во Грција, и секако големиот саем за туризам во Барселона. Сите настани беа во функција на лицата со телесен инвалидитет и притоа одржавме три работилници н три теми посветени на менталното здравје, пристапност и користење на туристичка понуда за лица со инвалидитет, и тема посветена за категоризација на лицата со инвалидност. Оваа тема е посебно важна затоа што во текот на животот лицата со инвалидност подлежат на распоредување (категоризација), но и на прераспоредување заради промена на здравствената состојба. Кај нив вообичаено состојбата е иста или влошена, а со интервенции може и да се подобри. Но, со распоредувањето лицата ќе може да се рехабилитираат, но и хабилитираат, односно да се вработуваат и да користат повеќе поволности од и во заедницата, вели Јанков.
Во 2023 година, нагласува тој, го завршивме меѓународниот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ (Алтер трип), имплементиран во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка со Грција (2014-2020) и ко-финансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички. Овој проект е наменет, пред сѐ, за подобрување на пристапноста во туристичкиот и културниот сектор, а воедно, подвлекува, отвори пат или патоказ за тоа како во соработка со институциите на системот да овозможиме пристапност до разни објекти, но и да го збогатиме животот на лицата со инвалидност. Притоа, истакнува Јанков, не мислам само на лицата со физичка инвалидност, туку и на лицата со пречки во видот, слепи и слабовидни лица, лица со оштетен слух или глуви лица.
За меѓуопштинското здружение на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“, посебен мотив се новите социјални услуги и социјална заштита, како и новите законски решенија, посебно во Законот за градба за кој поддршка има и од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“.
– Подобрувањето на Законот за здравствено осигурување, односно измените и дополнувањата од месец септември минатата година овозможи и повозранисте лица, односно не само лицата до 26 години, да бидат ослободени од партиципација во примарната и секундарната здравствена услуга, како и при земање на лекарства. Во „рацете“ на пратениците се и измените на Законот за градење кој е многу битен за нас бидејќи со него се решава можеби најголемиот проблем на лицата со телесен инвалидитет, а тоа е можноста за пристапност, за независно живеење, за слободно движење, можноста да влезат во институции бидејќи свесни сме дека во нашата држава има премногу скалила, премногу непремостливи архитектонски бариери и пречки. Тоа го воочивме низ нашите истражувања, а во рамки на проектот „Алтер трип“ кој во месец март минатата година го претставивме на меѓународниот саем за туризам „Б-травел“ во Барцелона. Имено, заедно со нашите партнери од Грција бевме во Барцелона, учествувавме на голем настан, ја посетивме Италијанската трговска комора во Барцелона и споделивме искуства со добри практики од нашите земји. На саемот, нашиот штанд беше посетен од бројни посетители од целиот свет, а дел од нив најавија посета на нашиот град во кој токму ние овозможивме подобрување на условите за туризам кој ќе го користат лица со инвалидитет. Се поврзавме со туристички организации, туристички работници кои се непроценливи за нашето етаблирање на меѓународниот простор како респектабилен партнер и одговорен организатор и реализатор на настани и програми, нагласи Јанков.
Додава дека саакат во 2024 година да имаат подобрена и зголемена комуникација со институциите на системот на локално и национално ниво, како и поддршка од новинарите. Можеби, посочува Јанков, не секогаш проблемите се видливи на втор поглед, но секогаш треба да излегуваат на виделина.
Во архивата на меѓуопштинското здружение на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“ евидентиран е и успехот на членовите на здружението постигнат на јубилејното 35. издание на Спортските игри на „Мобилност Македонија“ што се одржаа во месец јуни, во Охрид и Струга. На овие натпревари учествуваа Лидија Велјановска, Дарко Спировски, Оливера Наковска Бикова, Златко Биков, Мендо Дивјаковски, Горан Димчевски и Николче Станојовски. Сите наши претставници обезбедија пласман за 2024 година, а воедно освоија и еден златен и два бронзени медала.
За новите социјални услуги и социјална заштита посебно важна е експертската поддршка која Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – „Мобилност Битола“ ја добива од истакнати експерти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, но и други институции и организации во градот и државата, особено од ГАУС Институт – Фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење. На меѓународниот ден за лица со телесен инвалидитет се говореше и за „Менталното здравје кај лицата со инвалидност“ за што се одржа посебна работилница.
– Менталната благосостојба како дел од целокупното здравје е многу важна бидејќи тоа е основно човеково право. За жал, сѐ уште треба да се работи за надминување на повеќе проблеми, пред сѐ, на стигматизирањето на телесната попреченост, да се почитуваат човековите права на лицата со телесна попреченост и да не се чувствуваат дискриминирано. Лицата со телесен инвалидитет имаат потреба од социјално вклучување, наспроти социјално исклучување кое предизвикува незадоволство, фрустрираност, анксиозност, стрес и други проблеми. Посебен проблем е изолацијата и осаменоста кои влијаат врз чувството на самодоверба, и затоа ние помагаме да ја зајакнеме и охрабриме секоја личност со телесен инвалидитет, вели универзитетскиот професор д-р Сашо Кочанковски.
„Мобилност Битола“ мобилно продолжуваат од самиот почеток на новата година за како што велат да не се случува активностите да се одржуваат само во денови со датуми кои означуваат донесување на одредени документи, декларации, резолуции и слично.
-Што помалку пречки, толку поголема слобода за движење. Веруваме дека ќе се подобри културата на однесување и пристап во решавањето на проблемите за да не се случува постојано да повторуваме дека ни се потребни паркинзи, рамни влезови, осветлени и означени места, лифтови… Што им е потребно на лицата со телесен инвалидитет е напишано во меѓународни и/или домашни нормативи, и единствено што треба да се направи е примена во пракса на тие документи. Во меѓувреме, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме новите здруженија кои се формираат за да помагаат на лицата со телесен инвалидитет, како што на пример е Здружението „Иднина на традицијата“ на лица со инвалидитет и попреченост од Ресен кои минатата година ја одбележаа првата година од постоењето, а ние во знак на почит и желба за соработка со нив потпишавме Меморандум, потсети примариус д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност Битола“.
На меѓуопштинското здружение за телесен инвалидитет „Мобилност Битола“ позната му е изреката – мисли глобално, делувај локално – и токму затоа и во 2024 година продолжуваат со дејствување во градот, затоа што како што велат, локалната самуправа е најзначајна алка во функцинирањето на процесот на инклузија, на распоредување и понатамошниот тек на нивната животна патека.