Македонските граѓани од 2027 година ќе треба да направат дополнителна регистрација пред патување во Шенген-зоната. Станува збор за системот ETIAS, преку кој патниците од земјите што имаат безвизен режим со Европската Унија ќе мора да добијат електронско одобрение пред да тргнат на пат.
Системот се очекува да почне да функционира во текот на 2027 година, но точниот датум сè уште не е објавен. ETIAS не е виза и не го укинува безвизниот режим за македонските граѓани, туку воведува дополнителна процедура пред патувањето.
Пријавувањето ќе се врши преку официјалната интернет-страница или мобилната апликација на системот. Патниците ќе треба да внесат лични податоци и информации од пасошот. Надоместокот за апликацијата ќе изнесува 20 евра.
Од плаќање ќе бидат ослободени лицата помлади од 18 години и постарите од 70 години, како и одредени категории членови на семејства на државјани на Европската Унија.
Одобрението ќе биде електронски поврзано со пасошот и ќе важи до три години или до истекот на пасошот, во зависност од тоа кој рок ќе настапи прв. Во тој период ќе бидат можни повеќекратни патувања, но и понатаму ќе важи правилото за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
ETIAS ќе се применува во 30 европски земји, меѓу кои се Германија, Франција, Италија, Австрија, Грција, Хрватска, Словенија и Швајцарија, како и Кипар.
Важно е да се нагласи дека добиеното одобрение не гарантира автоматски влез во земјата. Конечната одлука и понатаму ќе ја носат граничните службеници, кои ќе проверуваат дали патникот ги исполнува условите за влез.
Засега граѓаните не треба да поднесуваат барања ниту да плаќаат за ETIAS. Официјалниот систем сè уште не е активен, а Европската Унија најави дека точниот датум за почетокот ќе го објави неколку месеци однапред. Граѓаните треба да внимаваат на интернет-страници што веќе нудат платено посредување за аплицирање, бидејќи официјалниот портал сè уште не прима барања.


