Црна Гора и Босна и Херцеговина ја истакнаа потребата од посилна заштита на животната средина, праведна енергетска транзиција и поголема одговорност кон идните генерации во рамките на напорите за справување со климатските промени, јавува Анадолу.
Обраќајќи им се на лидерите на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП31 во турскиот град Анталија, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ги претстави четирите клучни приоритети на зелената транзиција на неговата земја, потврдувајќи ја амбицијата Црна Гора до 2028 година да стане 28-та членка на Европската Унија.
Милатовиќ рече дека земјата мора да ги преточи своите еколошки обврски во конкретни активности.
„Денес од нас се бара да докажеме дека ова ветување може да ги насочува нашите одлуки, како и нашиот развој“, рече тој.
Тој истакна дека заштитата на природата е од суштинско значење и за отпорноста на Црна Гора и за нејзината европска иднина.
Како прв приоритет ја посочи зајакнатата заштита на природата преку воспоставување на Европската мрежа на заштитени подрачја, позната како „Натура 2000“.
„Вториот приоритет“, рече тој, „е праведна енергетска транзиција, при што Владата настојува да ја намали зависноста на енергетскиот сектор од јагленот преку забрзување на инвестициите во соларна и ветерна енергија, паралелно со одржливо користење на хидроенергијата.“
Целта, како што посочи, е транзиција што ќе биде „економски реална и социјално праведна“.
Третиот приоритет се однесува на отпорноста на климатските промени. Тој нагласи дека поплавите, шумските пожари, сушите и ризиците за крајбрежните подрачја претставуваат сè поголема закана за животите, инфраструктурата и егзистенцијата на населението.
Црна Гора, исто така, се обврза да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година и за 60 отсто до 2035 година.
Четвртиот приоритет, опишан како „Еколошка држава 2.0“, опфаќа 20 предлози чија цел е заштитата на животната средина да стане дел од секојдневниот живот.
Предлозите вклучуваат бесплатен пристап до националните паркови, посилна заштита на крајбрежјето и реките, како и одржлив туризам. Тие имаат цел и зајакнување на превенцијата од шумски пожари, повикување на загадувачите на одговорност и воведување превентивна заштита на идните подрачја во рамките на „Натура 2000“.
– „Краткорочниот профит и неодговорните популистички политики не смеат да преовладуваат“
Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, истакна дека климатската одговорност треба да се третира како прашање на меѓугенерациска правда, а не само како прашање на меѓународни договори, финансиски механизми или технолошки решенија.
Тој предупреди дека краткорочните економски интереси и популистичките политики не смеат да имаат предност на сметка на идните генерации.
„Немаме морално право да го градиме сопствениот просперитет врз несигурноста на идните генерации. Немаме право краткорочниот интерес на сегашноста да го претвориме во долгорочен товар за иднината“, рече тој.
Oцени дека одговорноста кон идните генерации мора да стане основен принцип што ќе ги насочува меѓународните активности за справување со климатските промени.
„Краткорочниот профит и неодговорните популистички политики не смеат да преовладуваат над долгорочните интереси на човештвото“, рече тој.
Тој, исто така, ги критикуваше земјите кои сметаат дека справувањето со климатската криза може да се одложи, предупредувајќи дека таквиот пристап го префрла товарот врз идните генерации.
„Овој начин на размислување е погрешен. Моќта без одговорност е опасна“, рече тој.
„Босна и Херцеговина подготвува интегриран Национален енергетски и климатски план, чии цели вклучуваат декарбонизација на енергетскиот сектор до 2030 година, утврдување долгорочни цели до 2050 година и постигнување јаглеродна неутралност преку ефикасна енергетска транзиција“, нагласи тој.


