ноември 25, 2024

Дaли да се палат бадникарски огнови: Подобро да му се помогне на некој чиј дом е студен бидејќи нема пари да си купи огрев и кој нема доволно храна за своите деца

Божиќ е најрадосниот православен празник кој го одбележува раѓањето на Исус Христос. Бадник, кој му претходи, православните верници ширум Македонија и светот го слават утре. Домот за Бадник традиционално се украсува со бадниково гранче, кое го симболизира здравјето, го слави животот и вечната среќа. Сепак останува прашањето што со коледарските или бадниковите огнови кои се палат на отворено и се сметаат за стара традиција особено во Скопје. Од МПЦ вчера апелираа тоа да не се прави поради енормно високото аерозагадување, но пред се и заради тоа што не е во склад со христијанството и традицијата, иако голем број од граѓаните се противеа на ваквото соопштение.

Според верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски палењето на бадникарските огнови е еден специфичен обичај на кој, очигледно, треба да му се даде една поинаква димензија. Тој во разговор за „Локално“ вели дека од една страна „тука е симболиката на огнот кој го запалиле пастирите кои биле околу пештерата каде е роден Исус Христос, симболиката на собирањето на луѓето, на исчекувањето на утрешниот ден – Бадник, тргнување на коледарите… Но, од друга страна, тука е пиењето на варената ракија, вино, правење скари, мрсни јадења, бучна музика дури и со турбо-фолкот, горењето кубици и кубици дрва…“.

-Сето ова, навистина, не му доликува на денот кој му претходи на Бадникот кој, нели, му претходи на Божик, на денот на раѓањето на Исус, не доликува на постот, потребата денот да се помине во молитва, исчекување на радосниот настан…Вака како што тоа се прави обичајот на бадникови огнови има многу елементи на паганското, на оддалеченост од она како би требало да се помине денот кој му претходи на Бадник. И, поради тоа, јасно е, дека треба да се промени формата. Како и во случај со други обичаи, тоа е тешко да се стори. Но, од година во година и тоа ќе се менува. Веќе сега гледаме дека бадникарски огнови има помалку по градовите а тоа е резултат на апелите, на сфаќањето дека ваква како што сега се прави не е во духот на празникот, во духот на верата. Добро е тоа што се случува бидејќи навистина не беше во ред и покрај искрените жеби на луѓето да се соберат, да се зближат едни со други на тој ден, а се со цел да се одбележи еден од двата најголеми празника во христијанството, посочува Ѓорѓевски.

Тој е дециден дека палењето на бадниковите огнови е спротивно на црковното учење.

-Ако Вие не се придржувате до постот туку пиете топла ракија, варено вино, ако слушате бучна музика, ако јадете мрсни јадења… а не отидете до црква, не се помолите… тогаш тоа е во спротивност. Денот пред Бадник е еден од оние денови на исчекување на радосната вест, ден во кој што треба да се мисли за тоа, да се помине во молитва, во тихување… Но, по коледарски огнови, колку од луѓето утресабајле одат во црквите на служби: Малку, премалку. Мене ми е блиска идејата да ако веќе сакаме да постојат огнови, а зошто да не како спомен на огновите од пештерата, тие да не се преместат во самиот храм и неговиот круг. Па таму да се собираме, таму да се одржува споменот, да се присуствува на богослужбите, да се слуша црковна музика… и потоа да се замине дома на бадникови вечери и да се чека денот на раѓањето на Исус Христос. Тоа изгледа логично и поприфатливо отколку собирање околу огнови на ледини меѓу зградите, порачува верскиот аналитичар.

Ѓорѓевски препорачува дека е подобро дрвјата што се горат и храната и пијалоците што се конзумираат на огновите да бидат дадени на луѓе на кои што навистина им е потребно во ваква економска и енергетска криза.

-Кубици и кубици дрва се трошат, да не збориме за тоа колку пари чини храната, пијалоците коишто се служат околу огновите. И тоа е нешто што треба да се смени. Зарем има нешто подобро отколку чувство дека на тој ден сме му помогнале на некој чиј дом е студен бидејќи нема пари да си купи огрев, кој нема пари за храна за своите деца… И таа димензија би требало да биде застапена. Значи, не само преместување на коледарските огнови во кругот на црквите туку и иницирање на помагање на сиромашните е она насока во која треба да оди менување на досегашните обичаи врзани за бадникарските огнови. Сигурен сум дека, малку по малку, со апелите и со примерите, и тоа ќе почне да се прави. Нам како граѓани и верници ни е потребно созревање во верата. Мора да признаеме дека уште многу треба да учиме околку тоа како изворно се практикува православното христијанство и дека треба да го менуваме досегашниот однос. Да се биде христијанин не е доволно да се запали свеќа на Божик и на Велигден во најблискиот храм, туку треба многу повеќе ако сакаме да сме вистински христијани, ни кажа Ѓорѓевски.

Превземено од Локално.мк

Read Previous

Безбедносните служби спречиле терористички напад на бомбаш самоубиец во Македонија!

Read Next

Општина Аеродром: Оградата на кејот на Вардар е поставена од службите на Град Скопје