Во главниот град на Косово, Приштина, свечено беше отворен „Балканскиот младински самит“, организиран од Претседателството за Турците во странство и сродните заедници (YTB).
На отворањето на „Балканскиот младински самит“, организиран по повод десетгодишнината од проектот „Балканска младинска школа“ на YTB, присуствуваа претседателот на YTB, Абдулхади Турус, вицепремиерот на Косово и претседател на Демократската турска партија на Косово (KDTP), Фикрим Дамка, вршителот на должноста амбасадор на Турција во Приштина, Бабур Хизлан, претставници на турските институции во земјата, локални претставници и бројни гости.
Претседателот на YTB, Турус, во своето обраќање истакна дека кога во 2016 година го започнале проектот „Балканска младинска школа“, нивната цел била младите да го надградуваат своето знаење преку интеракција со предавачи кои добро ги познаваат градовите и нивните жители.
Тој посочи дека преку проектот се настојувало младите стекнатите знаења од областа на историјата, културата и уметноста да ги поврзат со чувството на припадност за време на нивните посети на Турција.
„Во изминатите десет години, во рамките на Балканската младинска школа, на вкупно 3.500 млади им овозможивме да се запознаат со историјата, културата и уметноста, но пред сè да ја усвојат пораката дека ‘можеме да успееме заедно’. Оваа година, во рамките на 15 проекти реализирани во соработка со 15 организации од осум земји, во Балканската младинска школа учествуваа околу 650 млади“, изјави Турус.
Тој нагласи дека по повод десетгодишнината од Балканската младинска школа, целта е проектот да се подигне на повисоко ниво преку организирањето на Балканскиот младински самит. Притоа, посочи дека на едно место ќе бидат собрани претставници на граѓанските организации од Балканот и Турција, со цел да се разговара за можностите за понатамошен развој на школата.
Турус упати повик до организациите на граѓанското општество младите да ги препознаат како лидери на иднината.
„Се надеваме дека овие млади луѓе ќе станат лидери на утрешниот Балкан, на утрешна Турција и на утрешниот свет. Доколку ги гледате младите на овој начин, верувам дека тие ќе ги постават темелите за остварување на визијата ‘Можно е да се создаде поправеден свет’, на која особено укажува нашиот претседател“, истакна тој.
Во своето обраќање, Турус им се заблагодари и на семејствата кои им ги довериле своите деца на YTB и придонеле за реализацијата на проектот, како и на партнерските организации вклучени во неговото спроведување.
„Преку YTB, активностите на Турција оставија белег во животот на илјадници млади на Балканот“
Вицепремиерот на Косово, Фикрим Дамка, истакна дека Балканот е регион во кој се споделуваат заедничка историја, култура и сеќавања.
Осврнувајќи се на фактот дека во регионот се зборуваат различни јазици и дека различни култури и идентитети со векови живеат едни покрај други, Дамка нагласи дека токму таа разновидност претставува богатство на Балканот.
Тој посочи дека младите не треба да се гледаат само како идни лидери, туку и како личности кои веќе денес имаат свој глас и влијание врз процесите на донесување одлуки.
Според Дамка, општествата кои ги слушаат идеите на младите, ги отстрануваат пречките пред нив и им создаваат можности, посигурно чекорат кон иднината.
„Нашите односи треба дополнително да ги унапредуваме преку образованието, науката, трговијата, технологијата и заедничката соработка на младите. Како човек кој дел од своето образование го поминал во Турција, одблиску знам колку е важно тоа. Образовните активности на Турција, кои започнаа со Проектот за големи студенти, а денес продолжуваат преку YTB, оставија значаен белег во животот на илјадници млади на Балканот. Младите кои ги искористија овие можности денес заземаат важни позиции во различни институции, универзитети, деловниот сектор и јавната администрација во своите земји. Тоа е и најзначајниот придонес на овие активности“, изјави Дамка.
Тој изрази уверување дека Балканската младинска школа, која веќе десет години обединува млади од различни земји, ќе претставува поттик за реализација на уште поголеми проекти во наредните години.
Дамка изрази надеж дека младите кои се запознаваат на овој самит во иднина ќе станат раководители на заеднички проекти, соработници во научни истражувања, иницијатори на нови инвестиции и силни претставници на пријателството меѓу земјите.
Амбасадорот Бабур Хизлан, пак, ја оцени Балканската младинска школа како една од најубавите инвестиции во иднината на Балканот, упатувајќи честитки до YTB за нејзиниот придонес кон стабилноста и мирот во регионот.
Свечената церемонија беше заокружена со заедничка фотографија на учесниците.
Во рамките на самитот ќе бидат организирани различни активности, меѓу кои и средба за евалуација на десетгодишните резултати од проектот „Балканска младинска школа“ и разгледување на неговата визија за наредниот период, разговор за активизмот на социјалните мрежи, презентациски штандови на здруженијата, интеркултурни активности и работилници за традиционална уметност.
Преку овој самит се очекува да бидат претставени резултатите постигнати во изминатите десет години, да се зајакне младинската соработка меѓу балканските земји и да се разгледаат идните насоки и визијата за понатамошен развој на проектот.

