Тесни улици, возила паркирани насекаде и долги колони што го отежнуваат секојдневното движење. Сообраќајниот хаос во Тетово останува еден од најголемите проблеми, кој дополнително се продлабочува бидејќи веќе четири месеци во градот не е во функција возилото на пајак-службата. Полицијата соопштува дека изрекла околу 2.500 казни за непрописно паркирање, но казните само ги санкционираат последиците, без да ги ослободат улиците во моментот кога ќе се создаде застој.
„Посебен проблем претставува и недостигот од специјално пајак возило, што дополнително ја отежнува работата на терен. Затоа, ние како сектор се обидуваме да ги искористиме новите сообраќајни правила, според кои при регистрацијата на возилата задолжително се доставува и телефонски број, кој потоа е евидентиран во системот. Тоа донекаде го олеснува пронаоѓањето на лицето кое подолго време го паркирало возилото во двојна колона или во близина на крстосница, каде што го попречува одвивањето на сообраќајот“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Иако и самата полиција признава дека отсуството на пајак-службата ја отежнува работата на терен, решението засега се сведува на телефонски повици и чекање сопственикот да дојде и да го отстрани возилото, додека сообраќајот е блокиран. Од друга страна, од Општина Тетово велат дека возилото на пајак-службата на јавното претпријатие е на поправка и се очекува да биде оспособено во текот на неделава. Дополнително, за следната година е предвидено обезбедување уште две вакви возила.
„Според информациите што ги добивме од градскиот паркинг, пајак-возилото на претпријатието е на поправка. Ни кажаа дека ќе биде поправено во текот на неделава. Исто така, нè информираа дека следната година сигурно ќе има нов план за обезбедување уште две пајак-возила, кои ќе бидат на услуга на градот“, изјави Бесарта Рамадани, портпаролка на Општина Тетово.
Дотогаш, граѓаните на Тетово продолжуваат да се соочуваат со сообраќајниот хаос, чекајќи ветената поправка во текот на неделава да се преточи во конкретно решение на градските улици.


