Џафери нагласи дека високо се вреднува успешната соработка со Република Туркије во рамките на НАТО, а пред сè во областа на воената обука и едукација, донациите на опрема, како и заедничкото учество во мировни операции
Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамки на неговата официјална дводневна посета во Скопје, беше пречекан од претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп и неговата делегација, составена од група пратеници на турското Собрание, имаа средба со Џафери, на која присуствуваа потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, и генералната секретарка, Цветанка Иванова.
Според соопштението испратено од Собранието, Џафери изразил задоволство од повторната посета на претседателот Мустафа Шентоп, што се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
„Џафери нагласи дека Република Северна Македонија и Република Туркије негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, а билатералната соработка меѓу двете земји е динамична на сите нивоа и особено на парламентарно ниво. Џафери му го честита на Шентоп претстојното претседавање со Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка – ПАБСЕК, што се совпаѓа со 30-годишнината од формирањето на ова меѓународно собрание“, стои во соопштението.
Џафери се осврна и на економската соработка меѓу двете земји, при што посочи дека Република Туркије постојано е меѓу најзначајните трговски партнери и континуирано инвестира во македонската економија, и дека во таа насока особен придонес дава Стопанската комора на Македонија – Туркије (MATTO).
„Џафери нагласи дека високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Туркије во рамките на НАТО, а пред сè во областа на воената обука и едукација, донациите на опрема за потребите на нашата Армија, како и заедничкото учество во мировни операции“, се вели во соопштението.
Претседателот на турското народно Собрание, Мустафа Шентоп, нагласи дека Северна Македонија е братска и пријателска земја и значаен партнер на Република Туркије, и дека на односите меѓу двете земји, кои се развиваат во мултидимензијални рамки, секогаш се посветува големо внимание. Тој се заложи за интензивирање на соработката на бројни полиња од заемен интерес во наредниот период, со подеднаква волја и искреност како и досега.
„Претседателот Шентоп се осврна на плодната меѓупарламентарна соработка во повеќе домени и оцени дека е потребно продлабочување на меѓусебните консултации за регионалните и глобалните предизвици. Тој посака успех во интензивната агенда на Република Северна Македонија во рамките на претстојните претседавања со ОБСЕ и со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, при што како особено значаен го оцени процесот на заокружување на институционализацијата на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, со формирање на меѓународен секретаријат“, стои во соопштението.
– ФЕТО не е сериозен проблем само за националната безбедност на Туркије, туку и на Северна Македонија –
Шентоп предупреди и на структурите на терористичката организација ФЕТО во Северна Македонија.
Меѓу другото, тој ги пренесе очекувањата на Туркије да се затвораат структурите поврзани со ФЕТО и лицата поврзани со организацијата да бидат депортирани од Северна Македонија. Според него, ФЕТО не е сериозен проблем само за националната безбедност на Туркије, туку и на Северна Македонија.
Шентоп нагласи дека Република Туркије силно ја поддржува евроатлантската интеграција на земјите од Балканот, а особено на Република Северна Македонија. Во таа насока, тој упати честитки за почетокот на преговорите за членство во ЕУ и изрази уверување дека земјава во разумен рок ќе стане членка на Унијата.
Тој истакна дека неговата посета на Северна Македонија е во рамките на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик и нагласи дека е особено значајно турската заедница во Република Северна Македонија да го ужива правото на образование на мајчин јазик.
Во врска со економската соработка меѓу двете земји, Шентоп изрази задоволство од зголемувањето на трговската размена и нагласи дека Туркије ги охрабрува турските стопанственици да инвестираат во Северна Македонија.
Соговорниците се осврнаа на потребата за ревидирање и надградба на билатералниот Договор за слободна трговија меѓу двете земји, во насока на поголема либерализација на трговските производи, за што преговорите се во завршна фаза.
Џафери и Шентоп изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу двете држави и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката и натаму ќе се унапредуваат. Во таа насока, претседателот Џафери ја прифати поканата од претседателот Шентоп за реализирање на возвратна посета на Република Туркије.