Општина Делчево во партнерство со локалните институции и здруженија од областа на културата и образовните институции ја започна организацијата на активностите за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на визионерот и револуционерот Гоце Делчев.
Во рамки на програмата за одбележување на јубилејот од раѓањето на патронот на Делчево која се реализира под мотото „Делчево во чест на Гоце“ предвидени се повеќе содржини, а настаните започнаа со изложба на најразлични пишани материјали, документации и наслови од архивите на делчевската библиотека кои зборуваат за животот и делото на Делчев.
Како дел од одбележувањето на настанот Јавната локална библиотека „Илинден“ во соработка со КУД „Гоце Делчев“ по повод значајниот датум распишаа литературен конкурс на тема „Гоце-наша ѕвезда водилка“ поттикнувајќи ги младите делчевци да творат за ликот и делото на Делчев, а исто така, своја задача имаа и талентираните ученици за ликовна уметност кои подготвија своја мини изложба која ќе биде изложена, во просториите на библиотеката, истакнаа од Општина Делчево.
Доделувањето на наградите на учесниците на конкурсот како што додадоа е најавено за 3 февруари, а централниот дел од одбележувањето е планирано за 4 февруари, кога покрај положувањето цвеќе пред споменикот на Делчев во центарот на градот, вечерта со почеток од 19 часот во салата од Спомен-домот АСНОМ во организација на КУД „Гоце Делчев“ и Општина Делчево ќе биде организиран свечен концерт на кој ќе настапат промоторите на идејата на Гоце од Делчево: „светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“.
-На сцената ќе настапат делчевските амбасадори на клутурата низ светот: Пејачката група „Ѓурѓа“, фолклорната група од НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, КУД „Гоце Делчев“, како и Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, додадоа од Општина Делчево.
Како дел од одбележувањето на значајниот датум како што додадоа во текот на месецов во соработка со Националниот музеј на македонската борба ќе бидат организирани неколку историски изложби.