Савески беше повикан да сведочи на собраниската надзорна расправа за Алта банка АД Битола, каде пратениците од власта и опозицијата му поставуваа прашања за можните постапки на Обвинителството.
Тој истакна дека, без оглед на тоа кој бара од институцијата да постапува, обвинителите имаат обврска да реагираат кога ќе утврдат дека постои сомнение за кривично дело.
„Доколку детектира кривично-правен настан, се утврдува идентитетот на сторителот на кривичното дело и за кое кривично дело станува збор. Тоа постапување е основна дејност и надлежност на секој јавен обвинител“, изјави Савески.
На дополнително прашање од пратеникот на СДСМ, Миле Талески, дали ќе биде поднесено обвинение против премиерот Христијан Мицкоски поради неговите изјави на надзорната расправа, Савески одговори дека доколку партијата располага со докази, треба да ги достави до Обвинителството. Тој појасни дека обвинение се поднесува по спроведена истрага.
Савески забележа и дека во прашањата на пратениците бил внесен политички речник, на кој, како јавен обвинител, не може да одговори на истиот начин.
Случајот со Алта банка во изминатиот период предизвика политички реакции и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, особено во врска со постапките на институциите и настаните поврзани со влезот на банката на македонскиот пазар.


