ноември 23, 2024

Каракамишева го оспори Договорот од Преспа, Уставниот суд ја одби иницијативата

Уставниот суд го отфрли барањето за заштита на слободите и правата поднесено од професорката Тања Каракамишева во 2019 година, во кое таа образложува дека со Договорот од Преспа и се повредени правото за забрана од дискриминација и правото на слобода на мисла и изразување.

Судијата известител Осман Кадриу, изнесувајќи го барањето на денешната трета седница на Уставниот суд, посочи дека Судот може да одлучува за повреда на конкретни слободи и права, за кои повреди според нашиот Устав се пружа уставно судска заштита, но дека мошне важно е овие права да се повредени со поединечен акт или дејствие на орган или институција.

Според Кадриу, клучно е тоа што со конечната преспанска спогодба со Грција и дејствијата преземени од двете држави до моментот на склучување на спогодба не претставуваат индивидуален акт, и дека Спогодбата е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно што не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање.

Каракамишева во барањето, образложено на 15 страници, бара од Уставниот суд да се утврди дека со Конечната спогодба од Преспа и се повредни правата за кои Уставниот суд пружа заштита и да донесе времена мерка со која ќе забрани извршување на сите мерки, задачи и обврски кои произлегуваат од спогодбата до донесување на конечниот акт.

Судијата известител Осман Кадриу, кажа дека времената мерка е беспредметна и таа може да се одреди само во случај на поведување на постапка.

Каракамишева пред да поднесе барање пред Уставниот суд, се обраќа до Граѓанскиот суд во Скопје, кој се прогласува за апсолутно ненадлежен да одлучува, по што таа во законскиот рок, се обраќа до Уставниот суд.

„Според подносителката на барањето повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста , мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи. Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Подносителката предлага нејзиното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт Судот да донесе Решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд“, се вели во соопштението.

Read Previous

Делчево во чест на Гоце Делчев, низа културни активности

Read Next

Компаниите кои добиле пари од шестиот пакет, а не ги исполниле условите, ќе треба да ги вратат парите