ноември 24, 2024

Средношколците од Битола учеа за позитивно однесување кон заштитата на животната средина

Во рамките на проектот „Социјална мобилизација на средношколците во Пелагонискиот регион во функција на развој на позитивно однесување кон заштита на животната средина“  кој е финансиран од Министерство за животна средина и просторно планирање на Р.Северна Македонија, а го спроведува Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, денеска во Битола се одржа работилница на која присуствуваа средношколци, претставници на граѓански организации како и претставници од Општина Битола.

„Проектот има за цел да им обезбеди можности на средношколците да ги споделат своите идеи, активности кои ќе претставуваат почеток за нивно активно вклучување во борбата за заштита на животната средина. Социјалната мобилизација на средношколците во насока на заштита на животната средина бара едукација и користење на креативност нивната и решителност да се најдат иновативни и изводливи решенија. Со проектот ќе им се помогне на средношколците да научат за животната средина. Средношколците лесно се импресионираат и се отворени за формирање на позитивно однесување и став што ќе трае цел живот. Времето поминато во животната средина и стекнување на привлечни искуства како да ја заштитат животната средина ќе има позитивно влијание. Средношколците ќе дадат значителен придонес во напорите за заштита на животната средина, бидејќи ја имаат клучната улога како лидери на утрешниот ден, полни со енергија и нови идеи“, истакна проф. д-р Моника Марковска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола.

На денешниот настан свое излагање имаа средношколците од СОЕУ “Јане Сандански“- Битола, педагогот Анета Ристевска од СОЕУ “Јане Сандански“- Битола, како и Јулијана Ивановска, инспектор за животна средина од општина Битола, а настанот го отвори претстедателот на здружението Интерактив – Битола, Мартин Николовски.

„Во денешно време поради големите загадувања и деградација на животната средина се повеќе се наметнува потребата од заштита  на животната средина преку едукација и информирање на граѓаните, следење на состојбите, алармирање на јавноста како и преземање на разни акции за спречување на загадувања од поголеми или помали размери. Заштитата на животната средина е примарна задача на општеството во целина и таа може да се оствари со организирање и водење на „битка“ за почиста животна средина на стратешко, тактичко и оперативно ниво“, рече Мартин Николовски, претседател на Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола.

Социјалната мобилизација претставува процес на собирање на сите засегнати страни заедно со цел да се зголеми свесноста кај средношколците за важноста на заштита на животната средина и да се искористат сите ресурси во насока на зајакнување на нивното учество во заштита на животната средина. Предвидените активности имаат едукативна вредност, се соодветни на културата на живеење, ги ангажираат средношколците, се забавни и се соодветни на нивната возраст.

Основата во визионирањето и обликувањето на чиста и здрава животна средина се младите- генерација не само што мора да се справи со последиците од (не) здравата и (не) чиста животна средина денес, туку и да го го носи товарот за истата утре. Младите луѓе претставуваат особено важна група која има потенцијал да се бори за здрава и чиста животна средина.

Со реализацијата на овој проект средношколците ќе добијат нова и реална перцепција за животната средина. Проектот содржи бројни активности кои ја покажуваат поврзаноста на средношколците со природата. Понатаму, проектот овозможува преку соработка, учење, консултација и услуги да се идентификуваат проблемите во заедницата и да се работи во насока на нивно решавање. Факт е дека постојат сериозни предизвици со кои се соочува животната средина и се наметнува сериозна обврска да се делува проактивно. Постои општа согласност дека е потребен холистички пристап, нова етика и вредности кои ќе водат кон донесување на одлуки и акции. Социјалната мобилизација претставува начин на добивање поддршка.

Read Previous

Почина легендарниот кошаркарски тренер, Душан Дуда Ивковиќ

Read Next

На пописот до сега се евидентирани над 800.000 лица во земјава