November 10, 2026

Од 1 декември нови правила за боледување: Дополнителни прегледи по пет дена

Од 1 декември ќе почнат да се применуваат нови критериуми за одобрување боледување. Периодот во кој матичниот лекар може да одобри боледување без дополнителни прегледи се скратува од седум на пет дена. За продолжување на боледувањето ќе бидат потребни специјалистички прегледи или дополнителни испитувања, во зависност од дијагнозата. Сепак, тоа не значи дека пациентите ќе мора да се вратат на работа по петтиот ден.

Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека матичните лекари и натаму ќе имаат право да одобруваат боледување до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарска комисија. Во оправдани случаи ќе може да се издаде и приоритетен упат за побрз специјалистички преглед.

Лекарите, сепак, изразуваат загриженост за случаите во кои пациентите не успеваат навреме да добијат термин кај специјалист и бараат дополнителни појаснувања за примената на новите критериуми.

За боледувањата подолги од 60 дена, по правило, ќе биде потребно мислење од тројца специјалисти. Исклучоци ќе има за одредени тешки заболувања, а кај хронично болните ќе може да се користат и претходните дијагностички наоди, доколку сè уште се валидни.

Правилникот предвидува и електронско издавање на извештаите, како и право на пациентите да поднесат жалба доколку не се согласуваат со медицинската процена.

За да се разјасни примената на новите правила, Фондот најави работилници со матичните лекари на 19 и 20 ноември, како и јавна дебата со нивните претставници.

Read Previous

Првпат пребројани дивокозите на Шар Планина – забележани здрави стада и подмладок