Легендата на југословенската, српската и европската кошарка, Душан Дуда Ивковиќ почина на 78-годишна возраст.
Тажна вест доаѓа од Србија, утринава во белградска болница починал Душан Дуда Ивковиќ. „За жал останавме без Дуда Ивковиќ. Тој почина во 6:50 часот утрово во болница во Белград како последица на вода во белите дробови“, ја информираше јавноста Горан Калиниќ, првиот човек на Раднички. Душан Ивковиќ е роден на 29 октомври 1943 година. Како играч настапуваше само за Раднички, но вистинската слава ја стекнува како тренер. Ги водеше екипите на Партизан, Арис, Раднички, ПАОК, Паниониос, Олимпијакос, АЕК, Анадолу Ефес, ЦСКА Москва… беше селектор и на Југославија и на Србија. Со Олимпијакос двапати стана шампион на Европа, последниот пат кога ја покори Европа во составот го имаше и нашиот Перо Антиќ. Во секоја земја каде што беше тренер освојуваше домашни трофеи, беше прогласуван и за најдобар европски тренер, а кариерата ја заврши во 2016 година.