Министрите за култура на Северна Македонија, Грција и Албанија потпишаа заедничка изјава за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион и за подготовка на неговата номинација за листата на светското наследство на УНЕСКО.
Изјавата е потпишана на денешната трилатерална средба во Грција од министерот за култура и туризам на Северна Македонија, Седат Сулејмани, грчката министерка за култура, Лина Мендони, и албанскиот министер за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја.
Како што објави Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, на средбата присутни биле и Михалис Рокас, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Синиша Шешум, раководител на Канцеларијата на УНЕСКО во Сараево при Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колубија, како и претставници на локалните самоуправи и институциите од трите земји.
Министерот Сулејмани во своето обраќање истакнал дека заедничката номинација за УНЕСКО претставува значаен чекор во соработката меѓу трите земји, нагласувајќи дека целта е долгорочно и одржливо управување со регионот, со конкретни придобивки за локалните заедници.
„Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави“, рече Сулејмани.
Тој посочи дека досегашните заеднички активности и проекти претставуваат добра основа за продлабочување на соработката, меѓу кои се конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, активностите на островот Мал Град во Албанија и проектот „ACT4PRESPA“, поддржан од Европската Унија.
„Овие искуства покажуваат дека соработката постои, но и дека можеме да ја зголемиме“, истакна Сулејмани.
Според него, преку заедничко знаење, добра волја и заеднички интерес, Преспа може да прерасне во пример за успешна прекугранична соработка и заедничка заштита на наследството.
„Преспа заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат, а заедничките вредности се негуваат“, порача Сулејмани.

