November 24, 2026

100 институции ќе добијат подобра кибербезбедност, УКИМ ќе гради нови објекти со кредит од 47 милиони евра

Развојната банка на Советот на Европа (CEB) одобри два кредита за Македонија во вкупна вредност од 68,7 милиони евра, наменети за дигитализација на јавните институции и изградба на нови универзитетски објекти.

Од вкупниот износ, 21,7 милиони евра ќе бидат вложени во дигитални јавни услуги, зајакнување на кибербезбедноста и модернизација на административните процеси. Проектот предвидува подобрување на дигиталната инфраструктура во околу 100 јавни институции, како и воспоставување систем за електронско архивирање и управување со документи.

Средствата треба да придонесат за подобрување на услугите за граѓаните и компаниите, намалување на административните процедури и поголема заштита на институциите од кибернапади.

Останатите 47 милиони евра се наменети за изградба на нови универзитетски објекти во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Инвестицијата треба да ги подобри условите за студирање и работа на студентите и академскиот кадар, а проектот се очекува да опфати повеќе од 6.000 студенти и вработени годишно.

Read Previous

Секој втор возрасен во Македонија пуши цигари – 4.800 денари месечни трошоци за цигари