По сушното лето и недостигот од врнежи на почетокот на есента, водостојот на Дојранското Езеро повторно бележи пад. Последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека нивото е намалено на 144,93 метри надморска височина, откако во февруари годинава изнесуваше 145,42 метри.
Со тоа, Езерото ги загубило околу 50-те сантиметри што ги надомести со врнежите во периодот од октомври минатата до февруари оваа година.
Според Васко Стојов, раководител на секторот за хидрологија во УХМР, една од главните причини за намалувањето на водостојот е испарувањето, кое е поизразено при високи температури и силен ветер.
„Сѐ уште има големо испарување на езерската вода и затоа очекувано е нивото на Езерото да опаѓа уште некое време. И покрај тоа што тече вода во каналот од хидросистемот за спас на Дојранското Езеро, немаме информација колку вода тече. Можно е со таа количина сега да се пополнуваат само подземните води на езерото, затоа и не може да се види разлика во нивото. Кога езерото ќе ги наполни подземните извори ќе може да дојде до период на стагнација, односно да нема понатамошно негово повлекување“, објаснува Стојов.
Според редовните извештаи на УХМР, актуелното ниво е пониско и од минималната договорена кота со соседна Грција, која изнесува 146,13 метри надморска височина.
Стојов посочува дека врнежите во октомври, ноември и декември минатата година придонеле за подобрување на хидролошката состојба и за зголемување на издашноста на подземните и површинските води.
„Затоа би било добро на повеќето водотеци да имаме брани кои ќе ги задржуваат водите од врнежите“, вели тој.
Новата хидролошка година започнува на 1 октомври, а надеж за подобрување на состојбата носат и најавените врнежи кон крајот на оваа недела.
Паралелно со следењето на водостојот, се преземаат и активности за долгорочна заштита на Дојранското Езеро. Во август во соседна Грција беше претставен повикот за проектот „Оптимално управување со Дојранското Езеро“, насочен кон зајакнување на прекуграничната соработка и заштитата на животната средина.
В.д. директорот на Центарот за југоисточен плански регион, Јован Коцев, информираше дека институцијата, заедно со Министерството за животна средина, аплицирала за учество во проектот пред истекот на рокот на 21 септември.
Повикот е дел од програмата за прекугранична соработка Interreg VI-A IPA 2021–2027 меѓу Македонија и Грција, со вкупен буџет од 3.071.591 евро. Предвидените активности опфаќаат еколошко и хидролошко управување, подигање на јавната свест, подготовка на стратегии за заштита на Езерото и воспоставување заеднички механизми за управување. Меѓу планираните активности е и поставување фотоволтаичен систем во Македонија за намалување на трошоците за енергија при дополнувањето на водите на Езерото.

