Цената е еден од главните фактори што влијаат врз достапноста на тутунот за граѓаните, вели министерот за здравство Сашо Клековски, кој додаде дека колку еден производ е поевтин, толку е подостапен. Во однос на законот, министерот рече дека тој е на разгледување.
„Законот е на разгледување во комисија. Бидејќи пристигнуваат прашања во врска со ова прашање, му се јавив на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. Знам дека декември е доста исполнет во Собранието со расправите за буџетот. Сепак, побарав да му се даде максимален приоритет и да се подготви, бидејќи по усвојувањето на законот треба да започнеме со неговата примена, обуките на инспекторатите, подготовките на терен и така натаму“, вели Сашо Клековски.
Претставникот на Светската здравствена организација во земјата, Аким Али, предупреди дека пушењето предизвикува тешки заболувања, како што се ракот, срцевите и респираторните заболувања. Тој предложи младите да се соочат со повеќе ограничувања при купувањето тутун, додека лицата кои не пушат да бидат заштитени од изложеност на тутунски чад.
„На младите не треба да им биде дозволено да користат тутун. Кога поминувам покрај училиштата и гледам млади луѓе како пушат на влезовите на училиштата, луѓе кои пушат и наставници кои пушат, тоа многу ме загрижува. Затоа, ако успееме да ги направиме барем овие работи, мислам дека можеме да постигнеме напредок во земјата и да создадеме заштитена средина“, порача Аким Али.
Тамара Мијовиќ Спасова од организацијата Аналитика истакнува дека месечните трошоци за цигари достигнуваат околу 4.800 денари по семејство.
„Трошокот за цигари на месечно ниво е навистина значителен во буџетот на едно семејство. Месечниот трошок за цигари изнесува околу четири илјади и осумстотини денари. Ако го пресметаме ова на годишно ниво, доаѓаме до сума поголема од една просечна месечна плата, средства кои навистина би можеле да се наменат за многу други цели, наместо да се трошат за цигари“, вели Тамара Мијовиќ.
Инаку, секој втор полнолетен граѓанин во Македонија е пушач, додека доколку се вклучат и електронските цигари и производите со загревање на тутун, процентот достигнува 54 проценти. Ова се резултатите од истражување на организацијата Аналитика, спроведено со 1.065 граѓани, во кое се наведува дека пушењето и бројот на цигари што се консумираат секојдневно се зголемиле во споредба со 2020 година.


