October 9, 2026

За 29 денари поскапа од јули: Просечната потрошувачка кошница достигна 58.475 денари

Реалните трошоци на домаќинствата ќе бидат основа за следење на животниот стандард преку нова методологија што ја воведува Министерството за економија и труд. Според пресметките на институцијата, просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари, односно 29 денари повеќе во споредба со претходниот месец.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешниот брифинг со медиумите ја презентираше методологијата, која се заснова на официјални статистички податоци, реалната потрошувачка на домаќинствата и пазарните цени на производите и услугите.

Кошницата опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалаци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.

За пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

Според податоците на Министерството, трошоците за храна и пијалаци во август се намалиле за 255 денари во однос на јули и изнесувале 21.132 денари. Сепак, вкупната вредност на потрошувачката кошница бележи мало зголемување.

Во споредба со јануари, кога кошницата изнесувала 56.381 денар, августовската вредност е повисока за околу 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.

Дурмиши се осврна и на разликите меѓу пресметката на Министерството и синдикалната минимална потрошувачка кошница. Според него, станува збор за различни методологии, поради што износите не треба директно да се споредуваат.

Синдикалната кошница за август изнесувала околу 68.676 денари, наспроти 58.475 денари според пресметката на Министерството. Дурмиши посочи дека синдикалната методологија се темели на проценети потреби, додека министерската ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.

– Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката – порача Дурмиши.

Од Министерството најавуваат дека и во наредниот период ќе ги следат движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, со цел креирање економски политики насочени кон заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.

Read Previous

Скопје со воз кон Софија, Белград, Приштина и Солун, најави Николоски

Read Next

Дојранското Езеро повторно се повлекува, нивото падна под 145 метри