Железничката инфраструктура на Косово „Инфракос“, со помош на припадници на косовската полиција, утринава им ги врати железничките станици во Звечан и Лепосавиќ на институциите на Косово, со поставување знаци „Железничка инфраструктура на Косово“ и државното знаме во овие институции.
Полицајците во Звечан изјавија дека помагале во преземањето на контролата врз зградата на станицата, а, како што е познато, неколку службеници и полициски возила и понатаму се наоѓаат пред објектот.
Овие станици ги посетија вршителите на должност министри во Владата на Косово, Димал Баша, Џелал Свечла и Артане Ризваноли.
Свечла во изјавата за медиумите рече дека станува збор за преземање контрола врз уште една, како што ја нарече, „паралелна институција на Србија во Косово“, додавајќи дека е планирана и реконструкција на оваа станица.
„Ова е една од последните паралелни и нелегални институции на Србија во Косово и ќе продолжиме да дејствуваме доколку откриеме уште некои. Овој објект ќе биде дел од проектот за реконструкција на целата железничка мрежа на Косово“, нагласи Свечла.
Слично беше направено и во Лепосавиќ, каде што знакот на државното претпријатие и државното знаме беа поставени на железничката станица околу осум часот наутро.
Железничката инфраструктура во Звечан е дел од линијата 10 на коридорот Ориент/Исток – Среден дел, која се протега од Хани и Елезит до границата со Србија.
Железничката станица Звечан се наоѓа во северниот дел на Косово, но во моментов сегментот од линијата во ова подрачје (вклучително и делницата Митровица – Лешак) не е функционален за патнички услуги со кои управува Косово.

