May 28, 2026

Започна судењето против судијата Ѓоко Ристов за 350.000 евра пронајдени во ѕид

Со воведни излагања на странките денеска во Кривичниот суд официјално започна судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов, во врска со случајот со пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид во семејната куќа во Неготино.

Судијката Билјана Коцевска од Одделот за гонење организиран криминал го отвори рочиштето, по што обвинителството и одбраната ги изнесоа своите почетни аргументи.

Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведниот говор истакна дека Ристов свесно постапувал спротивно на судската одговорност и должностите што ги има како апелационен судија, при што давал неточни податоци за својата имотна состојба.

„Ќе ја докажеме неговата намера за лажење. Тој противправно стекнал и не пријавил 450 просечни плати, односно 350.000 евра, скриени во ѕид. Тоа значително ги надминува неговите месечни приходи. Имотот никогаш не бил пријавен, бидејќи нема законска основа за неговото потекло, што нè води кон второто дело – перење пари“, истакна обвинителката.

Таа додаде дека парите биле пронајдени завиткани во фолии, во банкноти од 500 и 200 евра, скриени во шуплини во ѕидови, зад плочки и кујнски елементи на вториот кат од семејната куќа. Според обвинението, средствата потекнуваат од трговија со влијание, а Ристов не го пријавил ниту станот во скопски Карпош од кој, како што беше наведено, бил спроведен од куќен притвор.

По излагањето на обвинителството, судијката Коцевска го повика обвинетиот да се изјасни за вината.

„Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело“, изјави Ристов.

Одбраната, предводена од адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, ги отфрли наводите на обвинителството, оценувајќи дека случајот се темели на претпоставки и медиумски сензационализам.

„Доказите молчат, а ѕидовите не зборуваат. Ова обвинение се темели на наратив кој повеќе наликува на филм отколку на правен предмет. Не постои доказ кој го поврзува мојот клиент со наводните кривични дела“, истакна Давидовиќ, додавајќи дека парите биле легално стекнати од семејството на обвинетиот.

По него, Ристов лично се обрати пред судот, наведувајќи дека обвинението за перење пари не може да се примени во конкретниот случај и дека доказите немаат правна основа.

Истражителите, според досегашните информации, неколкупати ја претресувале семејната куќа во Неготино, сè додека при повторна проверка не бил откриен скриениот простор во ѕидот, каде биле пронајдени парите. Клучен момент во истрагата било претходното апсење на адвокатот Фехмо Стафа, кој бил фатен при примање 50.000 евра и во исказот навел дека средствата биле наменети за влијание врз апелационен судија.

Според обвинението, во период од 2020 година наваму, Ристов како службено лице во Апелациониот суд Скопје не пријавувал имот кој значително ги надминува неговите законски приходи и давал неточни податоци за имотната состојба. Обвинителството наведува дека обезбедило докази за противправно стекнување и прикривање имот, како и елементи за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Read Previous

Косово ја презеде контролата врз железничките станици во Звечан и Лепосавиќ