Во 2025 година, вистинското работно време за вработените со полно и скратено работно време во Европската Унија, на возраст од 20 до 64 години, во просек изнесувало 35,9 часа неделно, што претставува намалување од еден час во споредба со 2015 година, соопшти Евростат. Во Македонија, пак, вистинското неделно работно време изнесувало 39,5 часа.
Од земјите во нашиот регион, според достапните податоци на Евростат, подолги работни недели имаат Србија со 41,3 часа и Босна и Херцеговина со 41,1 час, додека пократка е во Хрватска со 37,8 часа.
Во ЕУ, најдолги работни недели се регистрирани во Грција со 39,6 часа, во Бугарија и Полска со по 38,7 часа и во Литванија со 38,4 часа. Спротивно на тоа, Холандија има најкратка работна недела со 31,9 часа, по што следуваат Данска и Германија со по 33,9 часа и Австрија со 34,0 часа.
Според занимањата, најдолги работни недели во ЕУ се забележани кај квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството (42,0 работни часа), менаџерите (40,6) и припадниците на вооружените сили (39,4). Спротивно на тоа, најкратки работни недели се забележани кај елементарните занимања (31,8), помошните работници (34,0) и работниците во услужниот и продажниот сектор (34,5).

