Потрошувачката кошничка во земјите од Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат и од зголемувањето на цените на горивата поради нападите на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел на Блискиот Исток, покажуваат податоците на релевантните институции од земјите.
Порастот на цените на нафтата и дериватите директно се одразува врз транспортните и производствените трошоци, што дополнително ги зголемува цените на основните прехранбени производи и услугите.
Вредноста на потрошувачката кошничка најчесто ја утврдуваат синдикалните организации, при што пресметките вообичаено се прават врз основа на четиричлено семејство.
Во рамки на оваа методологија се опфаќаат основните месечни трошоци, како што се исхраната, домувањето, хигиената, јавниот превоз, облеката и обувките, трошоците за здравје, како и минимумот средства потребни за културни активности.
Анадолу ги обработи податоците од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
– Северна Македонија –
Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошница за месец март 2026 година изнесува 67.818 денари (околу 1.097 евра).
Доколку се изнајмува стан од 60 квадрати, за месец март изнесува 83.193,00 денари (околу 1.348 евра).
Дополнително, цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) во истиот период е 92,50 (денари/литар) (околу 1,5 евра).
„Дали животот на македонските работници ќе се подобри, ако ССМ престане да ја пресметува вредноста на синдикалната минимална кошница и дали во тој случај македонските работници ќе бидат задоволни со висината на нивните плати како што се обидуваат да ја претстават состојбата владините претставници?“, велат од ССМ.
ССМ претходно организираше протест и блокади на различни локации со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување од 100 евра за сите други плати.
Минималната нето-плата во Северна Македонија треба да биде поголема за 1.667 денари од сегашните 24.379 денари (околу 395 евра) и ќе изнесува 26.046 денари (околу 422 евра).
– Србија –
Во Србија, просечната потрошувачка кошница изнесува 106.194 динари (околу 903 евра), покажуваат најновите податоци.
Просечната нето-плата во јануари 2026 година изнесувала 118.429 динари (околу 1.007 евра), но повеќе од 60 отсто од вработените немаат доволни примања за да ја покријат оваа сума.
Дополнително, речиси седум од десет вработени имаат плата пониска од просечната, додека медијалната плата изнесува околу 92.671 динар (околу 788 евра), што укажува на значителни разлики во приходите.
Податоците исто така покажуваат дека секој петти жител во земјата е изложен на ризик од сиромаштија, во услови на продлабочување на јазот меѓу богатите и сиромашните.
Од 1 јануари 2026, минималната плата во Србија е утврдена на 371 динар по работен час, што за месец март со 176 работни часа изнесува приближно 65.296 динари (околу 555 евра).
– Црна Гора –
Според последните податоци на Центарот за едукација, информирање и синдикални истражувања при Унијата на слободни синдикати на Црна Гора (УССЦГ), синдикалната потрошувачка корпа за четвртиот квартал на 2025 година изнесува 2.045 евра за четворочлено семејство.
Овој износ е зголемен за 195 евра во споредба со првичните податоци објавени пред две години, што претставува раст од околу 10,5 отсто.
Во однос на претходниот квартал, вредноста на кошничката е за околу 30 евра помала, што се должи на намалувањето на трошоците за прехранбени производи и за образование и култура, додека трошоците за домување и комуналии, како и за лична хигиена и здравствена нега, бележат пораст.
Според синдикалните претставници, за задоволување на оваа потрошувачка кошничка се потребни повеќе од две просечни плати во земјата, што укажува на високите трошоци на живот во однос на приходите на работниците.
Минималната плата за вработените со завршено средно образование е 600 евра, додека за вработените со универзитетска диплома минималната плата е 800 евра.
– Босна и Херцеговина –
Според податоците на Сојузот на самостојни синдикати на Босна и Херцеговина (БиХ), синдикалната потрошувачка кошница за четворочлено семејство во февруари 2026 година изнесува 3.300 конвертибилни марки (KM) (околу 1.686 евра).
Просечната плата исплатена во Федерацијата БиХ за декември 2025 година изнесувала 1.664 KM (околу 850 евра), а минималната плата според Одлуката на Владата е 1.027 KM (околу 525 евра). Покриеноста на синдикалната потрошувачка кошница со просечната плата е 50,42 отсто, додека со минималната плата изнесува 31,12 отсто.
Синдикатите истакнуваат дека овие бројки покажуваат дека голем дел од работниците и понатаму немаат приходи доволни за да ги покријат основните животни трошоци, особено во услови на продолжен раст на цените на основните производи и услуги во земјата.
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина донесе одлука износот на минималната плата за 2026 година да биде во нето-износ од 1.027 КМ (околу 525 евра).
– Албанија –
Според податоците на Институтот за статистика на Република Албанија (ИНСТАТ), индексот на потрошувачки цени (ИЧК) за февруари 2026 година покажува дека просечните потрошувачки цени се зголемени за 2,5 отсто во однос на февруари 2025 година.
Во споредба со јануари 2026 година цените пораснале за 0,5 отсто.
Годишниот пораст на цените во февруари 2026 главно беше предизвикан од групата „Кирија, вода, електрична енергија, гас и други горива“ со 5,3 %, по што следуваат „Осигурувања и финансиски услуги“ со 4,3 %, „Забава, спорт и култура“ со 4,2 %, „Ресторани и услуги за сместување“ со 2,4 %, „Лична нега и разни добра и услуги“ со 2,3 %, „Алкохолни пијалаци и тутун“ и „Мебел, кујнски апарати и одржување на домот“ со по 2,2 %, „Образовни услуги“ со 1,9 %, „Храна и безалкохолни пијалаци“ со 1,7 %, итн.
Според ИНСТАТ, во четвртиот квартал на 2025 година, просечната месечна бруто-плата за еден вработен во Албанија изнесуваше 86.984 леки (околу 756 евра).
– Косово –
Според податоците на Косовската агенција за статистика (АСК), Индексот на хармонизирани потрошувачки цени (ИХЧК) е повисок за 6,0 % во февруари 2026 година во споредба со февруари 2025 година.
Месечната инфлација изнесува 0,6 % во февруари 2026 година.
Ова главно се објаснува со зголемувањето на цените на потрошувачките стоки во овој период: други услуги поврзани со лични транспортни средства (42,5 %); авионски билети (39,0 %); снабдување со вода и други услуги поврзани со домување (33,4 %); тврдо гориво, огревно дрво, пелети итн. (16,8 %); овошје (16,4 %); одржување и поправка на лични транспортни средства (15,1 %) се меѓу категориите со најголем пораст.
Со одлука кон крајот на минатата година, минималната плата од 350 евра се зголемува во две фази во Косово, и тоа од 1 јануари 2026 година изнесува 425 евра, додека од 1 јули истата година ќе достигне 500 евра месечно.
