February 26, 2026

Пратениците не изгласаа минималец од 600 евра

Пратениците не изгласаа минимална плата од 600 евра. Не поминаа на пленарна седница во Собранието законските измени кои ги предложи СДСМ,со кои минималната плата од март требаше да порасне на 36.960 денари. Гласаа вкупно 82 пратеници, 63 беа „за“ да се прифати заклучокот на матичната комисија дека предлогот не е прифатлив, 19 беа против, немаше воздржани.

Расправата помина во жестоки меѓусебни обвинувања. Од аргументи и бројки, до фалење кој повеќе направил и прави за граѓаните, па и до обвинувања кој има интерес само за тендери. За опозицијата минимална плата од 600 евра е нужна потреба бидејќи трошоците за живот енормно пораснале.

„Во февруари 2026 година синдикалната кошничка се зголемува за скоро 1.000 денари во однос на претходниот месец, а февруари 2025 година во споредба со февруари 2026 година, кошничката е зголемена за 3.600 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари. И тоа е, тие се аргументите кои зборуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари“, вели Тренчевска.

„Гладен стомак почитувани колеги од владејачкото мнозинство, со пропаганда да го убедите дека е сит не може. Значи може да правите што сакате, да измислувате што сакате, да го убедите некој гладен дека е сит може само со чинот на гласање“, изјави Јован Митрески.

Власта во предлогот на СДСМ виде чист популизам и политиканство.

„Аман веќе од политиканство и популизам. Ова што го правите е срамота. Знам дека е сламка за спас на вашата партија која е со катастрофален рејтинг. Но ова што го кажувате и предлагате се коси со секоја економска логика и со мислењето на сите економски експерти“, рече Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.

„Велите синдикалната кошничка е порасната за илјада денари. Прашајте го Никола Поповски, Драган Тевдовски и Бранимир Јовановиќ, да ви го потврди ова што јас ви го кажувам. Ако ги земете по нивната формула производите кои што се пресметуваат во синдикалната кошничка на ССМ и четирите маркети кои што овие тројца ги направиле, ајде заокружете ми каде има зголемување на цените за да синдикалната минимална кошничка порасне за 1.000 денари. Еве јас ете сум ВМРО-ДПМНЕ инсуинирам, ајде ве замолувам вас“, изјави пратеникот Бојан Стојановски.

Рокот пак кој го остави Сојузот на синдикатите на Македонија на Владата и работодавачите за зголемувањето на минималната плата на 600 евра е до крајот на февруари.Во спротивно за март најавуваат уште еден протест, но и Генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.

Read Previous

Потпретседателот на Собранието, Милошоски, се сретна со специјалниот претставник на унгарскиот премиер за Западен Балкан