February 25, 2026

Вучиќ го предупредува Соренсен за новиот Закон за странци, нарекувајќи го „ескалаторна“ мерка од Приштина

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на состанокот со специјалниот претставник на Европската Унија за Дијалогот Белград-Приштина, Петер Соренсен, зборуваше за положбата на Србите во Косово, изразувајќи загриженост во врска со Законот за странци што ќе стапи на сила на 15 март.

„Особено ги истакнав предизвиците со кои се соочуваме кога станува збор за положбата на српскиот народ на Косово и Метохија и изразив загриженост за намерите на Приштина од 15 март да започне со спроведување нови интензивни и длабоко дискриминаторски одлуки, кои директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ“, напиша Вучиќ во објавата на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.

Тој изјави дека го замолил Соренсен „меѓународната заедница да ги сфати овие важни прашања многу сериозно и да направи сè за да обезбеди почитување на правата на српскиот народ“.

За време на разговорот, Вучиќ рекол дека вклучувањето на Косово „во регионалниот воен сојуз (Договорот за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска, заб.ав.) дополнително ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ“.

„Ја нагласив потребата, без натамошно одложување, да се преземат конкретни чекори за формирање на Заедницата на српски општини, на која српскиот народ во Косово и Метохија чека веќе 13 години“, додаде тој, истакнувајќи дека верува оти е во интерес на сите да се избегнат потези што би довеле до натамошна ескалација.

На почетокот на оваа недела Соренсен во Приштина се сретна со косовскиот премиер Албин Курти и министерот за надворешни работи Глаук Коњуфца, кои му соопштија дека дијалогот меѓу Косово и Србија под покровителство на ЕУ во иднина ќе го води тоа Министерство.

Курти порача дека Косово „останува посветено на целосна нормализација на односите со Србија преку меѓусебно признавање“.

Дијалогот Белград-Приштина се води под покровителство на Европската Унија од 2011 година, со цел нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Тој беше започнат откако Косово прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава, но беше признаена од повеќето западни земји.

Во текот на годините беа постигнати неколку договори, од кои најважен е Бриселскиот договор, потпишан во 2013 година од тогашните премиери на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, а кој се смета за пресвртница во односите меѓу двете страни, особено во контекст на нивната европска интеграција. Србија се обврза да ги затвори паралелните институции во Северно Косово, а Приштина се согласи да ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО), што до денес не е спроведено.

Напредокот во дијалогот е директно поврзан со европската интеграција на двете страни бидејќи ЕУ смета дека нормализацијата на односите е клучен услов за продолжување на нивниот пат кон членство.

Соренсен последен пат ги посети Приштина и Белград кон средината на јануари, а на 11 февруари неговиот мандат беше продолжен за уште две години.





AA

Read Previous

Вчера регистрирани вкупно 526 прекршоци – за првпат не е регистриран ниту еден за минување на црвено светло

Read Next

Обвинителите бараат Собранието да ги повлече измените за нивните плати, се жалат дека им се најниски во регионот