Во последните часови Албанија и Косово е зафатена од лоши временски услови, при што се пријавуваат поплави во неколку области и проблеми на одредени патни правци.
Најпроблематична состојба е пријавена во окрузите Драч и Лежа во Албанија, каде што се предизвикани и поплави.
Во меѓувреме, обилните врнежи од дожд го зафатија и Округот Тирана, каде што се блокирани неколку патни правци.
Во соопштение од Префектурата на Округот Драч се наведува дека како последица на обилните врнежи се создадени сериозни тешкотии во сообраќајот во неколку зони.
Генералната дирекција на Полицијата на Албанија соопшти дека поради обилните врнежи од дожд, отежнато е движењето на возилата во неколку делови од земјата.
Според официјалните информации од Институтот за геонауки на Албанија, во наредните часови во окрузите Скадар, Кукс, Валона и Ѓирокастро се очекуваат интензивни до локално многу интензивни врнежи. Според институтот, во окрузите Лежа, Берат и Корча се очекуваат средни до локално интензивни врнежи.
– Косово –
Од друга страна, неколку региони на територијата на Косово се зафатени од поплави по обилните врнежи од дожд во последните часови.
Многу патишта, како Автопатот Призрен-Приштина, особено патниот правец во близина на аеродромот, станаа тешко проодни за возила поради насобраната вода што се движи по коловозот.
Хидрометеоролошкиот институт на Косово (ИХМК) соопшти дека континуираните врнежи предизвикале поплави особено во западниот дел, вклучувајќи ги Ѓаковица, Јуник, Дечан, Малишево, Раховец, Клина, како и во неколку зони во централниот дел, како Скендерај и Дренас.
Според ИХМК, како резултат на интензитетот на врнежите, неколку реки и потоци излегле од своите корита, создавајќи ризик по инфраструктурата и движењето на граѓаните.
ИХМК нагласи дека врнежите од дожд, со различни интервали и интензитет, се очекува да продолжат и во наредните денови, што може да предизвика нови локални поплави, проблеми во сообраќајот, преоптоварување на канализациските системи и тешкотии во сообраќајот.
Во меѓувреме, според ИХМК, главните реки во земјата, особено во централниот, источниот и јужниот дел, вклучувајќи ги Ибар, Ситница, Лепенац и Биначка Морава, моментално покажуваат благо зголемување на нивото на водата, но состојбата останува под континуиран мониторинг.
Надлежните органи ги повикаа граѓаните да покажат зголемена претпазливост, особено при движење во ниски подрачја и во близина на водотеци.


