November 21, 2025

Четиринаесет години мировно образование во Македонија

Мировното образование е важно затоа што гради разумни и толерантни личности, кои знаат да почитуваат и кои конфликтите ги решаваат вербално по ненасилен пат и тоа е исклучително важно за да може општеството да напредува, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на конференцијата за мировно образование во Скопје, што четврта година по ред ја организира Првата детска амбасада „Меѓаши“.

„’Меѓаши’ многу помага да се реализира мировното образование преку спроведување посебна програма и воннаставна активност за што имаме склучено меморандум за соработка. Помага со обуки на наставници и со вклучување деца во нејзини рамки. Денес, имаме средба со поголем број наставници и клучната тема е токму мировното образование, па преку размена на искуства ќе се обидеме да дојдеме до нови идеи и заклучоци за тоа како да го унапредиме во иднина“, рече Јаневска.

Министерката рече дека таа ќе се залага за обезбедување континуитет на мировното образование и дека постојано треба да се истакнува неговото знаење затоа што придонесува во градење млади генерации со вистински вредности.

„Македонија е мала земја и можеби не може да влијае на надминување глобални конфликти помеѓу многу посилни држави, но можеме да влијаеме на зачувување на мирот во своите граници. Тоа е основа за напредок во сите сфери“, додаде министерката.

Мировното образование во Македонија се спроведува од 2011 година како проектна активност со која се опфатени над 70 училишта, а повеќе од 300 наставници се обучени да ги предаваат наставните модули што на предлог на „Меѓаши“ се одобрени од Бирото за развој на образованието. 






Skopjeinfo

Read Previous

Мицкоски учествува на Самитот „Нашиот пат кон ЕУ“ во Тирана

Read Next

Адем Чучуљ предложен за нов претседател на Антикорупциската комисија