Генералниот секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, е предложен за нов претседател на Комисијата, на местото на Татјана Димитровска, која поднесе оставка откако против неа беше покренато обвинение за оддавање на службена тајна, а судскиот процес веќе е во тек.
Членовите на Комисијата за избори и именувања едногласно го предложија Чучуљ, кој на конкурсот доби највисоки оценки – 96 од 100 бодови – за функцијата претседател на Антикорупциската комисија. Чучуљ е образован правник со положен правосуден испит и 19 години работно искуство во ДКСК, а на интервјуто нагласи дека институцијата ја гледа како „свој дом“.
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓи Сајкоски, најави дека предлог-одлуката ќе биде доставена до Собранието, каде пратениците на пленарна седница ќе гласаат за потврдување на новиот претседател.
TV21


