
Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, реагираше на последните изјави на премиерот Мицкоски, кој најави дека ДУИ ќе изгуби на следните избори и ќе треба да биде конструктивна опозиција.
Османи порача дека ваквите јавни настапи се спротивни на приватните пораки што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нормално, премиерот во јавност дава такви пораки, сметајќи дека така ќе им помогне на коалиционите партнери, меѓутоа не пушта такви пораки во приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите,“ рече Османи.
Според него, обидите да се третираат Албанците како пазарна категорија – влези еден, излези друг – се крајно навредливи и недемократски.
„Албанците нема да дозволат така некој да ги потчини, дека немаат право на одлучување, туку се една аморфна маса во којашто премиерот решава како на пазар, како во дуќанче. Не, Албанците ќе гласаат на избори и ќе одлучат сами кои ќе ги претставува,“ изјави тој.
Османи го обвини Мицкоски дека сака да инсталира „свои“ Албанци во институциите, како некакви декоративни претставници без легитимитет.
„Треба да седнам во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ако станам пријател со Мицкоски и тој да ми постави министер. Како што ги поставил министри своите поранешни заменици и директори со кои направил некое пријателство и нив ги претставува како претставници на Албанците.“
Повикувајќи се на историскиот пример од Косово со Рахман Морина, Османи порача дека Албанците никогаш нема да прифатат некој друг да одлучува во нивно име. Во таа насока, тој ја потенцира и актуелната политичка реалност, според анкетите, Алијансата за интеграција води убедливо пред ВЛЕН:
„Анкетите покажуваат 3 спрема 1 победа на Алијансата за интеграција наспроти ВЛЕН. И мислам дека и Мицкоски тоа го има сфатено, и затоа ВМРО-ДПМНЕ секој ден ни праќа пораки како да ги затоплиме односите.“
Според Османи, таквата дволичност – едни пораки за јавноста, други за зад сцената – само ја покажува несериозноста на владејачката структура и обидот да се спроведе изборна математика со албанофобичен наратив во јавноста, додека во исто време трагаат по компромис со ДУИ зад затворени врати.
„Јас морам да бидам искрен, затоа што не можам веќе да ги слушам овие различни ставови – едно приватно, едно јавно,“ заклучи Османи.
ZOOM