August 28, 2025

Почнува пријавувањето за наставниците за обуката за примена на вештачката интелигенција во наставата

Наставниците од средните училишта во државата можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата. Доколку имаат основно ниво на познавања на дигитални алатки и активно го владеат англискиот јазик, можат да аплицираат за обуката „AI во училница“, што ќе им помогне да ја вклучат вештачката интелигенција во сите фази на наставата, од подготовката за час до оценувањето.

Министерството за образование и наука во соработка со групацијата Brainster го објави јавниот повик за учество во обуката, а пријавувањето трае до 12 септември, по што, до крајот на месецот ќе се изврши селекција и тестирање на кандидатите. Обуката почнува на 1-ви октомври.

Наставниците што ќе учествуваат во обуката ќе добијат бесплатен пристап до 8 различни курсеви секој месец, со најсовремена и практична содржина, а за нивно успешно совладување следат 8 дигитални сертификати месечно, како и печатен сертификат за успешно завршување на целосната програма. Предавачи ќе им бидат инструктори со меѓународно искуство, а Brainster Next факултетот ќе формира менторска група што ќе обезбеди индивидуализирана поддршка за наставниците.

Соработката на Министерството за образование и наука со групацијата Brainster во делот на обуките за користење на вештачката интелигенција во наставата следи по потпишувањето на Меморандумот за соработка, како реализација на институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем.







Skopjeinfo

Read Previous

Османи: Албанците никогаш нема да прифатат некој друг да одлучува во нивно име