
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денес ја повика Владата да покрене постапка за признавање на Палестина во Парламентот.
„Хрватска треба да ја признае Палестина како чекор кон запирање на војната и хуманитарната катастрофа во Газа. Признавањето на правото на палестинскиот народ на сопствена држава е единствениот начин за воспоставување траен мир на Блискиот Исток“, изјави Милановиќ на средбата со палестинската министерка за надворешни работи Варсен Агабекијан, која е во официјална посета.
Милановиќ најави дека, во рамките на своите уставни овластувања, силно ќе се залага Хрватска што поскоро да ја признае Палестина, се вели во соопштението на неговиот кабинет.
Хрватскиот претседател остро ги осуди нападите на израелската армија врз цивилите во Газа и најавеното воено преземање и окупација на Газа, што, како што рече, „не може да се оправда со ништо“.
Како „ко-креатор на надворешната политика“ како што е дефинирано во Уставот, Милановиќ ѝ го пренесе на палестинската министерка својот став дека единственото праведно решение за војната во Газа е признавање на постоењето на две држави – Израел и Палестина, се вели во соопштението.
Претседателот на државата и Владата, како „ко-креатори на надворешната политика“, немаат исти ставови за признавањето на Палестина.
Така, премиерот Андреј Пленковиќ денес во разговор со министерскиот совет на Палестина изјави дека иако „Владата останува доследна во својата посветеност на траен мир и безбедност, што може да се постигне само преку решение за две држави, во кое Израел и Палестина би живееле рамо до рамо“, таа „го поддржува политичкиот процес во рамките на Европската Унија и пошироката меѓународна заедница што води кон таа цел“.
Според владата, во разговорот тој изразил загриженост за тешката хуманитарна криза во Газа и силно се залагал за итно прекинување на огнот, ослободување на сите заложници, заштита на цивилите и непречено доставување помош до ранливото население, особено децата.
Во соопштението се потсетува дека Хрватска досега обезбедила хуманитарна помош во вредност од околу три милиони евра, вклучувајќи еден милион за децата од Газа преку УНИЦЕФ. На денешниот состанок беше објавена нова одлука за испраќање дополнителни еден милион евра хуманитарна помош.
MKD