
Лидерот на Движењето Самоопределување, кој е и вршител на должноста премиер на Косово, Албин Курти, вети дека ќе направи сѐ што е во негова моќ за конституирање на косовското Собрание во рокот утврден од Уставниот суд, најдоцна до 26 јули 2025 година.
По двочасовната средба на Курти со претседателката Вјоса Османи во Кабинетот на претседателот во Приштина, Курти во изјава за медиумите рече дека тој и претседателката Османи разговарале во однос на одлуката на Уставниот суд, со која е утврдено деветтиот законодавен дом на косовското Собрание да се формира најдоцна до 26 јули.
„Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да го постигнеме ова во духот на соработката, со интензивни, конструктивни консултации, а исто така и со идејата за консензус или компромис, за да може потоа да преминеме на формирање нова влада што ќе одговара на новото Собрание на републиката“, рече Курти.
Курти соопшти дека на средбата со Османи разговарале за сите составни елементи на процесот и дека по оваа средба претседателот ќе продолжи со средби со претставници на други политички партии „за да процени дали и колку напредок постигнале“.
„Верувам дека треба да им дадеме шанса на другите средби и на крајот да видиме каков е напредокот што сите нè интересира“, заклучи Курти.
Претседателката Османи денес ќе се сретне со лидерите на албанските партии, а следниот ден ќе се сретне и со претставници на малцинските партии во земјата.
Одлуката на Уставниот суд, објавена на 26 јуни, ги обврзува пратениците да го конституираат Собранието во рок од 30 дена.