февруари 20, 2025

Околу 80 насто од македонските граѓани се против уставни измени како услов за преговори со ЕУ

Една петина од македонските граѓани или само 20 отсто поддржуваат Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Ова го покажа анкета спроведена во декември 2024 на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. 80 насто се против вршењето уставни измени.

„Останатите се доста поделени помеѓу: статус кво, повлекување од процесот и промена на Преговарачката рамка. Интересно е да се забележи дека граѓаните не го перципираат толку процесот како задоволување на условите од соседите, туку повеќе гледаат на некоја реформирачка и демократска вредност на процесот, значи процесот повеќе го гледаат како усогласување со стандардите и законите на Европската Унија“, изјави Анамарија Велиновска истражувач во Центар за европски интеграции при ИДСЦС пред презентацијата на наодите од истражувањето.

Истражувањето покажало дека 62% од населението продолжува да ги поддржува аспирациите за членство во ЕУ, што е мало зголемување во однос на минатата година. Сепак, постојат значителни разлики во ставовите помеѓу етничките заедници. Додека 82% од Албанците ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ,  кај Македонците овој процент е 56%. 

Резултатите покажуваат дека Европската Унија останува најголемиот економски партнер (33%) и донатор (40%) на земјата, зацврстувајќи ја својата позиција како главен стратешки сојузник. САД следи со 22% како економски партнер и 17% како донатор. Иако САД останува фактор со најголемо влијание (41%), тоа бележи пад во однос на 2023 (60%), додека влијанието на ЕУ значително се зголемува (од 19% во 2023 на 37% во 2024). ЕУ за граѓаните е перципирана како најважен сојузник (39%), пред САД (19%).

Ова се дел од наодите од последните истражувања на јавното мислење, спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.056 испитаници во периодот октомври-декември 2024 година.





Skopjeinfo

Read Previous

Српскиот министер Ѓуриќ во Москва: Го нудиме Белград како место за преговори за решавање на судирот во Украина

Read Next

30 години тетовски универзитет, одбележана годишнината од првите предавања