декември 4, 2024

Пленковиќ: Иницијативата за недоверба на Владата нема да помине, хрватското општество е екстремно поларизирано

Пленковиќ се осврна на иницијативата на Клубот на СДП и говорот на неговиот претседател Синиша Хајдаш Дончиќ поврзано со прашањето за довербата во него како премиер на Хрватска

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Парламентот изјави дека иницијативата за недоверба на неговата Влада нема да помине и ја обвини опозицијата за интензивирање на говорот на омраза, јавува Анадолу.

Пленковиќ се осврна на иницијативата на Клубот на СДП и говорот на неговиот претседател Синиша Хајдаш Дончиќ, а поврзано со прашањето за довербата во него како премиер на Хрватска, велејќи дека тоа е разбирливо поради корупциската афера на поранешниот министер за здравство, Вили Берош.

„Што се однесува до вашата конечна цел дека по грешка на еден член на Владата и оние кои беа поврзани со него барате недоверба во целата Влада и јас го разбирам тоа, но нема да помине. Ние сме позгрозени од вас од оваа афера. И нам ни е повеќе жал отколку вам. Вам можеби и ви е мило па да имате малку политичка муниција, па да пукате по Владата и да ни лепите различни етикети за кои вие сметате дека ќе ви помогнат политички. Тоа е сосема легитимно и демократски. Меѓутоа за разлика од нас ние се бориме против корупцијата“, рече Пленковиќ.

Додаде дека Владата се бори против корупцијата на начин што органите за кривично гонење се целосно независни од извршната власт.

„Хрватското општество денес е екстремно поларизирано. Поларизирано е делумно и поради вашите настапи и говорот на омраза што го имате веќе осум години. Секој пат сме изложени на вашиот говор на омраза и интересно е што како што годините на вашиот опозициски стаж стануваат подолги, вашиот говор на омраза станува сè пожесток. Тој се рефлектира на атмосферата во општеството. Вие не понудивте никаква сериозна алтернатива за ниту една политика, а овие шест точки за кои зборувате се дел од програмата на Владата“, рече Пленковиќ.

На опозицијата ѝ порача дека не нуди сериозна алтернатива и дека го засилува говорот на омраза.

„Слепо го следите (претседателот на Хрватска Зоран заб. ав.) Милановиќ, кој е карцином на хрватскиот политички живот“, рече Пленковиќ.

Тој им порача на хрватските граѓани дека земјата во последните години била во многу предизвикувачки политички, економски, финансиски, социјални, безбедносни и енергетски околности.

„Во тие околности ние како Влада направивме работи кои методолошки не ги планиравме на поинаков начин отколку што е дел од политичката филозофија на партиите од десниот центар, но во тие фундаментални цели, а тие беа како да се помине преку повеќекратните кризи кои сите беа предизвикани од некои надворешни случувања, било да е тоа пандемијата на Ковид-19, природни катастрофи како земјотреси, руската агресија врз Украина што доведе до енергетска криза, економска, социјална криза што доведе до инфлациски притисоци, ние во целиот тој период секогаш ја имавме на ум благосостојбата на хрватскиот народ и хрватската економија и ја зачувавме социјалната кохезија и во истиот период ги остваривме сите стратешки интереси на хрватската држава кои самите си ги поставивме. Вие не ни дадовте рака тука“, истакна Пленковиќ.

Тој вети дека Владата на Хрватска во контекст на последната корупциска афера во која беше уапсен поранешниот министер за здравство Вили Берош ќе оди до крај и ќе ги расветли сите случаи на корупција во здравството.

„Жал ми е што немаме соработка ниту за една сериозна тема, што решивте да поминете уште четири години во опозиција по истиот шаблон како и досега – говор на омраза, постојано, перманентно, што повеќе да се пренесува преку медиумите и социјалните мрежи“, рече Пленковиќ.




AA

Read Previous

Европскиот фронт поднесе интерпелација за тројца министри и еден заменик министер