Пратеничката група на Европскиот фронт, денеска поднесе барање на наредната седница на дневен ред да биде ставена информација безбедносната состојба во земјата. Тие денеска поднесоа и интерпелации за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети денеска на прес-конференција рече дека тие бараат информации за безбедносната состојба во земјата . Пратениците од Европскиот фронт бараат и одговори за протоколи во случаи на селективно постапување од страна на службени лица од МВР, како и за предвидените механизми за надзор врз работата на безбедносните служби особено во вакви сензитивни ситуации, отчетност за преземените но и непреземените мерки.
„Заменик премиерот Меџити како вицепремиер во оваа влада е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи. Наместо да дејствува како гарант на меѓуетничкиот мир и интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на социјалната и меѓуетничката хармонија. Напротив, толерираше дискриминација, селективна правда од страна на надлежните органи и молчеше за повторените неправди што ги трпи оваа заедница“, рече Беџети.
Министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, според него, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова не менаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“, рече Беџети.
Според него, не е уапсено лицето кое запалило албанско знаме.
Интерпелацијата за вицепремиерот Иван Стоилковиќ, ја поднесуваат поради неговото непостапување и неизјаснување во врска со неодамнешните настани во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, вели Беџети, не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
На прес-конференцијата тој исто така кажа дека деновиве Владата создава клима на тензии, недоверба и нетрпеливост меѓу етничките заедници во државата и оти намерата била јасна а тоа е да се обвинат Албанците за дестабилизација на државата. Беџети изјави дека дестабилизирана Северна Македонија е во директен интерес на Русија, која сака да ја поткопа стабилноста на Западен Балкан и да ги запре на интегративните процеси на ЕУ.
Skopjeinfo