Новата политичка рамка за дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања ја потпишаа високиот претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Борел, и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Муцунски
Северна Македонија потпиша Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство со Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
Оваа нова политичка рамка за дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања ја потпишаа високиот претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.
„Со министерот Тимчо Муцунски го потпишавме Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу ЕУ и Северна Македонија. Ова е историски момент во нашата соработка и значаен чекор напред за побезбедна и поинтегрирана Европа“, рече Борел во својата објава на платформата X.
Шефот на македонската дипломатија преку објава на социјалните мрежи информираше дека Северна Македонија е прва земја во регионот што потпишала договор за вакво партнерство.
„Горд сум што можам да објавам дека сме прва земја во регионот што потпиша партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија. Денес во Брисел имав голема чест да го потпишам овој важен договор со високиот претставник Жозеп Борел, одбележувајќи историски момент во нашата соработка со ЕУ“, рече Муцунски.
Тој информираше и дека на заедничката прес-конференција истакнал дека ова партнерство е витален чекор кон посилна и пообединета Европа, подготвена да одговори на денешните предизвици.
„Остануваме посветени на продлабочувањето на ова партнерство и на унапредувањето на заедничките цели за мир, безбедност и соработка“, додаде Муцунски.
АА