Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се разликува од Адолф Хитлер и ги спореди нападите на Израел врз Газа со нацистичкото прогонство на Евреите.
Говорејќи на настан во Анкара, Ердоган ја повтори својата критика за поддршката на Западот за Израел и додаде дека Турција е подготвена да ги прими академиците и научниците кои се соочија со прогон поради нивните ставови за конфликтот во Газа, пренесуваат британските медиуми.
Турскиот претседател минатата недела изјави дека е срам за човештвото што толку многу „славни“ земји стојат со скрстени раце пред израелските „варварски напади, масакри и грабежи“.
„Историјата ќе им суди на одговорните за предизвикување на оваа одвратна слика, на оние кои се обидоа да ја легитимираат и на оние кои ги затворија очите пред неа, рече Ердоган на минатонеделната церемонија на доделување претседателски награди за култура и уметност во Анкара, пренесе агенцијата Анадолија.