ноември 23, 2024

Германија годинава извезе оружје во рекордна вредност од 11,71 милијарди евра

Германската влада во оваа 2023 година постави нов рекорд во извозот на оружје, дозволувајќи продажба во вредност од најмалку 11,71 милијарди евра, главно заради помошта за Украина, јави ДПА, цитирајќи податоци од германското Министерство за економија.

Претходниот рекорд од 9,35 милијарди евра, постигнат во 2021 година, веќе беше надминат кон средината на декември и тоа за цели 25 отсто. Споредено со 2022 година, зголемувањето годинава е 40 проценти.

Повеќе од една третина од одобрениот извоз отиде во Украина за нејзината одбранбена кампања против руската инвазија, а вкупната вредност на извезеното оружје изнесува 4,15 милијарди евра.

Бројките се однесуваат на периодот од 1 јануари до 12 декември, во кој Германија одобри извоз на оружје во вредност од 6,15 милијарди евра и извоз на друга воена опрема во вредност од 5,57 милијарди евра.

Речиси 90 отсто од извозот отиде во земји-членки на ЕУ и НАТО, Украина и земјите кои се третираат слично како членките на НАТО во однос на контролата на извозот на оружје, како што се Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.

За таканаречените трети земји како Израел, Обединетите Арапски Емирати или Саудиска Арабија, германската Влада даде зелено светло за продажба на оружје и друга одбранбена опрема од германско производство во вредност од 1,76 милијарди евра, јави ДПА.

Read Previous

Ердоган со уште еден жесток напад врз израелскиот премиер: Нетанјаху не се разликува од Хитлер

Read Next

Петровска: Во 2024 година два проценти од бруто – домашниот производ ќе бидат наменети за одбрана