ноември 24, 2024

Грковска: Родовата еднаквост е основен принцип на демократијата

Кога зборуваме за родова еднаквост зборуваме за основни принципи на демократијата, за право на избор, за слобода на определување и вклученост на жените во сите сектори и општествени процеси, истакна вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска на конференцијата на тема „Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост”.

Според вицепремиерката, во таа вклученост не смееме да бидеме сведоци на процеси кои стагнираат, туку дигитализација треба да биде процес кој носи напредок на сите полиња и дека таа претставува општествен, а не политички процес.

– Дигиталната трансформација не е важна само поради исполнување на владина стратешка цел за модерна и ефикасна јавна администрација, дигитализација која дава брзи и ефикасни услуги е директно поврзана со други цели, кои се владини, но, се цели кои се интерес на нашата држава, економски раст, повисок стандард, поквалитетно образование, владеење на право, транспарентност и намалување на корупција, рече таа.

На конференцијата што се одржува денеска во организација на телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), свое обраќање имаат и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија и Армен Григорјан, постојан претставник на UNDP во Северна Македонија.

По воведните обраќања се предвидени три панел дискусии на кои ќе се зборува за создавање можности за работи – трасирање на патот кон дигитална трансформација, учеството на жените на пазарот на трудот: предизвици и можности, како и за дигиталните алатки за унапредување на родовата еднаквост.

Read Previous

Дебелината е здравствен проблем со животозагрозувачки ризик

Read Next

АД ЕСМ: РЕК Осломеј плански исклучен од мрежа