November 11, 2026

Ново поглавје во билатералните односи со Литванија: Муцунски ја отвори македонската Амбасада во Вилнус


Вчера попладне во Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со неговиот литвански колега, министерот Кештудис Будрис, ја отворија македонската резидентна Амбасада.

Муцунски ова го оцени како важен чекор во натамошното зајакнување на билатералните односи и потврда на заедничката определба за уште поблиска политичка, економска и институционална соработка.

„Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме“, истакна Муцунски.

Воедно, тој изрази посебна благодарност за солидарноста покажана по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти беа примени на лекување во Вилнус и Каунас.

„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“, истакна Муцунски.

Министерот посочи дека новото дипломатско присуство ќе отвори дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување.

„Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација“, рече Муцунски.

На крајот, тој ја нагласи и пошироката улога на новата Амбасада во натамошното поврзување на двете држави.

„Оваа Амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна Муцунски

Read Previous

Реформи во правосудството – новиот кривичен законик оди во ЕУ

Read Next

Уапсен поранешниот српски министер за економија Раде Баста