Рускиот претседател Владимир Путин во овој момент не планира никаков контакт со својот американски колега Џо Бајден откако одлучи Москва да се повлече од договорот Нов СТАРТ, соопшти денес Кремљ.
Путин денес соопшти дека Русија го суспендира своето учество во договорот со САД за ограничување на нуклеарното вооружување, таканаречениот договор Нов Старт, потпишан во 2010 година, и се закани дека ќе спроведе нови нуклеарни тестови ако тоа прво го направат САД.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на новинарското прашање дали од тогаш имало барање од американската страна за контакт на претседателско ниво одговори дека „сите ја слушнаа првата реакција на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Ентони Блинкен“ и дека не се планира контакт.
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг кажа дека жали поради денешната одлука на рускиот претседател Владимир Путин да го суспендира учеството на Русија во договорот и ја повика Русија да ја преиспита својата одлука и да ги почитува договорите.
Државниот секретар на САД Блинкен кажа денес дека руската одлука е „многу разочарувачка и неодговорна“. Блинкен им кажа на новинарите во американската амбасада во Атина дека „САД се спремни да разговараат за ограничување на стратегиското оружје со Русија“.
Песков кажа дека Путин и Бајден последен пат комуницирале пред почетокот на специјалната воена операција во Украина.
извор:МКД