Директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашкоска гарантира дека за време на хакерскиот напад на институцијата немало манипулација со матичните броеви на корисниците и дека податоците цело време биле безбедни.
– Здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Системите на Фондот се вратени речиси во нормала. Податоците се безбедни и биле безбедни. Нападот беше насочен само на системите во кои спаѓаат виртуелни системи, но не и на податоците. Податоците од граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи со голо око без поврзување на апликативниот сервер кој во нашиот случај не беа афектирани во сегашниот напад. Се работи за виртуелни сервери на Фондот кои се лоцирани во рамки на интерниот дата центар, рече Филиповска Грашкоска на денешната средба со новинарите и додаде дека од Фондот имаат пристап до податоците и оти нападот бил насочен кон серверите и апликациите.
Нагласи дека од страна на Фондот е преземено се што може да се преземе за да се заштитат од можни нови напади.
-Наскоро откако ќе се стабилизира овој систем ние треба да извршиме миграција на клауд-систем којшто ќе обезбеди примарна и секундарна локација, дизастар рикавери комуникејшн. Дополнително во тек е итна постапка и на офлајн бекап, тоа е тој систем со ленти. По информациите коишто јас ги добивам од ИТ-експертите, инсталирани се потребни антивирусни заштитни потребни фајлови, соодветни софтвери за бекап, значи, се е тоа преземено, но секако во најскор можен период ќе се изврши и миграцијата на клауд што ќе биде и дополнителна заштита, рече Филиповска Грашкоска и додаде дека системот на ФЗО и претходно ги имаше сите овие заштити – антивирусна и фаервол заштита.
Прашана кој е одговорен и дали чувствува лична одговорност и колку пари бараа хакерите за да го одблокираат системот, директорката на ФЗО рече дека е отворена истрага и оти истрагата ќе утврди кој е точно одговорен за хакерскиот напад на институцијата.
– Отворена е истрага, тоа е предмет на истрага. Има прелиминарна анализа направено, меѓутоа и таа е вклучена во истрагата. Сите овие прашања ќе бидат одговорени по завршување на истрагата. За себе лично можам да кажам дека од првиот момент откако сум влезена во оваа институција максимално се заложувам, ги давам сите напори за да се обезбеди што е можно подобра услуга за граѓаните. И во овие две недели и јас и сите колеги овде максимално се вложивме да го решиме проблемот. Сметам дека фактот што е решен за толку брзо време покажува дека ние си ја вршиме работата како што треба, рече Филиповска Грашкоска.
За евентуалната одговорност на нејзиниот колега Фатон Ахмети кој е на одмор рече дека треба него лично да го прашаат.
-Тоа прашање ќе треба да го упатите до него. Колегата Ватон користи годишен одмор со решение кое што е уште пред да се случи инцидентот. Известен е за се. Сметам дека би било непрофесионално и некоректно јас да коментирам во негово име. Ве молам овие прашања упатете ги до него. Колегата беше известен за целата ситуација, беше известен и за денешниот брифинг. Согласно решението тој е се уште на одмор, потенцира Филиповска Грашкоска.
Како што кажа, на 6 февруари во Фондот е забележан технички проблем поради кој се исклучени сите системи и е повикан тим за првична дијагностика. Инцидентот веднаш е пријавен во МВР, а од таму добиле информација дека е пријавен во Основното јавно обвинителство кое веќе почнало истрага.