Спортскиот комплекс во Крива Паланка доби нова инклузивна фитнес-зона. Новото спортско-рекреативно катче е инвестиција на Агенцијата за млади и спорт.
– Во Општина Крива Паланка извршивме примопредавање на фитнес-зона, трета од „Проектот 15 фитнес-зони” започнат на почетокот од оваа 2023 година. Покрај примопредавањето на фитнес-зоната, се направи и увид на локацијата за реконструкција на повеќенаменското игралиште во селото Мождивњак. Оваа реконструкција ќе започне во текот на март. Наредниве денови ќе извршиме примопредавање на фитнес-зоните во Општина Шуто Оризари и во Општина Струмица. АМС продолжува да ги развива условите за спорт и рекреација во општините – рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека ветувањата станале реалност, а паланчани може да спортуваат и да се рекреираат во зона што нуди достапност и пристапност за сите млади, спортисти и рекреативци од Крива Паланка. Тој додаде дека продолжуваат инвестициите во современа спортската инфраструктура.
– Создаваме квалитетни услови за развој на современ тренинг-центар за рекреација, подготовки и тренинзи на младите спортисти и на возрасните рекреативци – нагласи Митовски.
Во наредниот период ќе се изврши реконструкција на спортскиот терен на местото Дубје, село Мождивњак, кој наскоро ќе добие нов и модерен лик.
извор: ВЕЧЕР