– Во градот Низип во турската област Газиантеп под урнатините се спасени мајката Доне Озкилич и нејзините деца Абдулкадир, Бејза и Елиф Озкилич
Мајка и три деца се спасени под урнатините 28 часа по разорните земјотреси кои ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.
Новинарот на Анадолу информираше дека во местото Низип во турската област Газиантеп под урнатините на зграда здрави се извлечени мајката Доне Озкилич и нејзините деца Абдулкадир, Бејза и Елиф Озкилич.
Сите четири членови на семјеството Озкилич се повредени и префрлени се во болница.
Граѓаните продолжуваат да чекаат во близина на урнатите згради, за да бидат информирани за своите најблиски кои се водат за исчезнати.
Според најновите информации, досега во земјотресите што ги потресоа јужните делови на Туркије животот го загубија 3.381, додека бројката на повредени се зголеми на 20.426. Во исто време, во акциите на спасување досега се згрижени 338.000 лица во студенски домови и други објекти.
Во моментов на терен се ангажирани 24.443 спасувачи, медицински и друг персонал. Продолжува потрагата по преживеаните.
– Два разорни земјотреси вчера ја потресоа Туркије
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентарите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш. И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Земјотресите се почуствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.
Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека на Туркије и се случила најголемата катастрофа по земјотресот во Ерзинџан 1939 година.
Туркије прогласи седмодневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.