– Припадници на спасувачките тимови успеаја да го извлечат бебето од под урнатините на зграда во градот Шанлиурфа
Едногодишно бебе со чудо е спасено од под урнатините 53 часа по земјотресите кои во понеделникот на 6 февруари ги потресоа јужните делови на Туркије, известува „Анадолу“.
Припадници на спасувачките тимови успеаја да го извлечат бебето од под урнатините на зграда во турскиот град Шанлиурфа.
Бебето го преживеало земјотресот со полесни повреди и е префрлено во болница.
Шанлиурфа е еден од десетте турски области кои се тешко погодени од два силни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во турската област Кахраманмараш.
„Најмалку 6.234 лица загинаа од разорувањата што ги предизвикаа силните земјотреси кои во понеделникот ги потресоа јужните региони на Туркије“, потврди Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Во разорните земјотреси на југот од Туркије повредени се 37.011 лица.
– Разорни земјотреси кои ја потресоа Туркије на 6 февруари
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.
Земјотресите се почувствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и во други региони.
Во земјотресот кој силно ги потресе и северните делови на Сирија, животот го загубија најмалку 2.530 лица, а 4.645 се повредени.