ноември 23, 2024

Ердоган тргна за Кахраманмараш кој е погоден од земјотресот

– Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, ќе ги посети погодените подрачја и на самото место ќе биде информиран за состојбата на теренот и координацијата на активностите во потрагата и спасувањето

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тргна за Кахраманмараш со цел да ги посети зоните погодени од земјотресите со епицентар во Елбистан и Пазарџик, јавува „Анадолу“. 

Ердоган со авион тргна од Аеродромот „Есенбога“ во Анкара. Тој ќе ги посети зоните погодени од земјотресот и од самото место ќе ги координира работите. 

Се очекува дека Ердоган, во рамки на посетата на центарот на градот Кахраманмараш, ќе го посети шаторскиот град во оваа зона. 

Ердоган потоа ќе замине во Пазарџик. 

Исто така, се очекува дека Ердоган, по посетата на овие зони, ќе замине во Хатај.

– Разорни земјотреси кои ја потресоа Туркије на 6 февруари

Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш. 

И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет. 

Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата. 

Земјотресите се почувствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и во други региони.

AA

Read Previous

Речиси 10 000 загинати во земјотресите во Турција и Сирија

Read Next

Шестгодишно девојче спасено од под урнатините 47 часа по земјотресите во Туркије