Радев ги распиша изборите откако ниту една од трите најголеми политички групи во високо фрагментираниот парламент не успеа да формира коалициска влада по предвремените избори во октомври минатата година
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го распушти парламентот и распиша вонредни избори, петти парламентарни во последните две години.
Радев ги распиша изборите за 2 април, со надеж дека гласањето ќе придонесе за ставање крај на долгорочната политичка блокада и на економските проблеми во најсиромашната членка на Европската Унија.
Тој исто така го продолжи мандатот на привремената влада, на чело со 55-годишниот независен политичар Галаб Донев, додека новиот парламент не ја избере целосната влада.
Радев ги распиша изборите откако ниту една од трите најголеми политички групи во високо фрагментираниот парламент не успеа да формира коалициска влада по предвремените избори во октомври минатата година.
Коалицијата на десниот центар околу партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов освои најмногу гласови на изборите во октомври, но таа доби само 67 од 240 пратеници. Другите партии веќе подолго време ја отфрлаат можноста за соработка со Борисов бидејќи тој е поврзан со корупција за време на неговото десетгодишно владеење.
Ниту либералната, реформистичка партија Продолжуваме со промените на Кирил Петков, исто така поранешен премиер, ниту Бугарската социјалистичка партија, петта најсилна во државата, на која Радев ѝ го даде мандатот по неуспехот на двете најсилни опции, не успеаја да обезбедат мнозинство.
Тековната политичка криза најверојатно ќе ја спречи Бугарија наскоро да се приклучи на еврозоната и Шенген-зоната, како и употребата на милијарди евра од фондовите за обновување на ЕУ.
Политичката криза во Бугарија трае од 2020 година, кога земјата беше потресена од демонстрации против владата на Бојко Борисов, кога илјадници бараа елиминација на корупцијата и ефективна реформа на судството.
Од април 2021 година, кога се одржаа последните редовни парламентарни избори, формирањето стабилна влада е спречено поради острата поларизација меѓу партиите и нивната недоволна сила.
Радев оттогаш назначи неколку преодни влади, а единствената во полн капацитет, предводена од Петков, беше формирана по вонредните избори во ноември 2021 година, но нестабилната четиричлена коалиција се распадна по само шест месеци, во јуни минатата година.