На Божиќ, во Кијив и во други украински региони се слушнаа бројни сирени за воздушен напад. Градската управа на Кијив ги повика луѓето да одат во засолништа по започнувањето на воздушната тревога.
Градоначалникот на Миколаив на југот на земјата, истото го објави на својот официјален канал Телеграм, предупредувајќи на сирените.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им го честиташе Божиќ на Украинците и ги повика да се потсетат низ што сѐ поминале од 24 февруари, првиот ден од руската агресија.
„Среќен Божиќ на христијаните од западниот обред! Овој ден – и сите идни зимски празници – ги дочекуваме во тешки околности. Некој денес ќе ја види првата ѕвезда на небото над Бахмут, Рубижна и Кремин. Некој тоа ќе го види низ дупки од куршуми во својот дом. Празникот некој ќе го слави во туѓи домови“ – рече украинскиот претседател Зеленски во своето Божиќно обраќање до украинската и светската јавност.
Зеленски вети дека оние што се во заробеништво или окупација, ќе биде ослободен.
„Некој ќе го слушне Шчедрик на друг јазик – во Варшава, Берлин, Лондон, Њујорк, Торонто и многу други градови и земји. И овој Божиќ некој ќе слави во заробеништво, но нека се сети дека и ние доаѓаме по својот народ; ќе им ја вратиме слободата на сите Украинци и Украинки“ – рече Зеленски.
Претседателот Зеленски ги наброи местата каде што се одвиваа големи битки што ги изгуби рускиот агресор.
„Каде и да сте, денеска ќе бидеме заедно. И заедно ќе погледнеме во вечерното небо. И заедно ќе го паметиме утрото на 24 февруари. Да се потсетиме колку издржавме. Да се потсетиме на Азовстал, Ирпин, Буча, Краматорск, Змијски остров, Чорнобаивка, Изум, Херсон. Ајде да посакаме желба. Една за сите. И ќе почувствуваме радост. Една за сите. И ќе ја разбереме вистината. Една за сите“ – рече Зеленски во своето моќно обраќање.
https://www.facebook.com/watch/?v=1863684157308178
Тој повика на единство и солидарност во страотно тешките услови во кои се наоѓа украинската нација.
„И никогаш нема да почувствуваме недостаток на храброст и издржливост. Доживеавме многу горчливи вести и заслужено ќе добиеме добри вести. Ќе пееме божиќни песни – повесели од кога било, погласни од звукот на генераторите. Ќе ги слушнеме гласовите и поздравите на роднините – во нашите срца – дури и ако комуникациските услуги и Интернетот се во прекин. И во целосна темнина – ќе се сретнеме – цврсто прегрнете се. А ако не е топло, ќе се гушкаме силно за да се стоплиме“ – повика Зеленски.