Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска остро реагираше откако апелациониот суд соопшти дека ја укинал пресудата за случајот Таргет-Тврдина кој го отвори СЈО, а се однесуваше за масовното прислушување.
Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани. Уште позагрижувачки се информациите дека, поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права. Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот, вели Грковска.